Сертификатите за НАТО ги издава АНБ во која директорува Бојан Христовски


 

Проверките за издавање на НАТО сертификат се прават во земјата членка на Алијансата, односно ја прават домашните безбедносните институции, објаснува за „Слободен печат“ универзитетскиот професор и експерт за безбедност, Методи Хаџи Јанев откако беше објавено дека директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, добил позитивно мислење и НАТО сертификат – иако се спореше неговиот сертификат по англиски јазик како и дипломата од економскиот факултет од Универзитетот Скопје. Тоа значи дека АНБ, институцијата со која раководи Христовски, ги правела проверките за него.

Тој во првичните изјави за јавноста кажа дека веднаш по неговото назначување, на 18 октомври, поднел барање за издавање на национален и НАТО сертификат и дека во име на АНБ, постапката ја води заменик – директорот на Агенцијата. Како што анализира Хаџи Јанев НАТО прави проверки, но само за исклучително внатрешни потреби.

„Не е исклучено да даде забелешка, ама тоа е ретко и во екстремни случаи. Сите забелешки кај нас се од дома, на домашен предлог на многу бледи докази. НАТО е само чадор кој има свои стандарди, ама во голем дел одржливоста на тие стандарди е на земјите членки. Бидејќи се претпоставува дека во текот на пристапните процеси земјата ги исполнила клучните аспекти на демократско владеење и се усогласила со идеолошката рамка и матрица на која работи НАТО. Улогата на НАТО не е да го осигурува внатрешниот полички тек туку да се фокусира на тоа дали земјата ги исполнила одбранбените стандарди“, објаснува Хаџи Јанев.

Тој додава дека ако некој има НАТО сертификат тоа не значи дека може да пристапи до сите документи во НАТО.

„Може да пристапите до строго одредени места за тоа. Можете да пристапите до строго определени информации ако се наменети за вас. И да немате НАТО сертификат, НАТО може да ви даде ад хок пристап-сертификат, да учествувате на одреден собир или важен митинг и тој сертификат е просторно и временски ограничен“, вели професорот.

Хаџи Јанев анализира дека НАТО сертификатите кај нас се користат како модел за политичка селекција, односно овој процес е често под сериозен политички инженеринг. Тој повеќе пати во јавноста ја истакнува пренагласена тајност во одлучувањето и потребата од надминување на старите практики и дека безбедносните проверки што треба да се направат и се прават треба да бидат ослободени од потенцијална злоупотреба за политички пресметки. Според него, лек за тоа е да се одважи јавниот обвинител и да побара давање на целосно образложение за одбивањето на сертификат.

Инаку добивањето на НАТО сертификат вклучува постапка во која се доставува барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, и тоа од страна на офицерот за безбедност на класифицирани информации (кој треба да го има секоја институција). Кон ова барање се приложуваат документи како (прашалник со потпишана изјава, копија од л.к. или пасош, како и потврда за положен тест за класифицирани информации, како и да се наведе кој степен на класификација се бара.За да се издаде ваков сертификат, се прави безбедносна проверка најчесто од АНБ или од воената служба за воени лица.

Сличен став за НАТО сертификатот на Бојан Христовски има и Оливер Андонов, професор на Факултетот за безбедност. 

„Бојан Христовски беше именуван за директор на АНБ без да има безбедносен сертификат на ниво ‘државна тајна’ , поради што АНБ официјално мораше да поднесе барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) за да побара  да му се издаде. Во спротивно лице без соодветен безбедносен сертификат не може да извршува определена функција (а Бојанчо наш ја извршуваше и го прекрши законот).

Во Македонија безбедносните сертификати на сите нивоа ги издава Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, но истата тоа го прави по поднесено барање од страна на институцијата во која се наоѓа лицето на кое треба да му се издаде безбедносен сертификат. По добивањето на барањето од институцијата (во случајот на Христовски тоа е АНБ чии директор е самиот тој), ДБКИ доставува барање за безбедносна и криминална проверка до АНБ и МВР. Да, да, до АНБ, бидејќи по закон АНБ врши безбедносни проверки за лица македонски државјани, а во овој случај извршила проверки за својот директор. Интересна работа, Бојанчо сам за себе го потпишал документот од АНБ до ДБКИ во кои се тврди дека е безбедносно подобен. По извршените проверки, доколку истите се позитивни, ДБКИ издава соодветен безбедносен сертификат на лицето за кое тој сертификат е баран со ограничено времетраење за институцијата во која работи истото.

Со оваа постапка, како административна, така и безбедносно-полициска, НАТО нема никаква врска. Едноставно, тоа го прават АНБ и МВР. НАТО може да издаде сертификат и да направи безбедносна проверка за лица кои треба да работат во командата на НАТО, а не за директор или лица на национална безбедносна агенција, па тоа нека е и АНБ. Па така, манипулација е  ека Бојан Христовски добил НАТО сертификат за безбедност, а уште поголема лага е дека на тој начин од страна на НАТО е потврдена неговата ‘безгрешност’ во однос на ‘фалсификуваните’ сертификат и универзитетска диплома“, напиша Андонов во колумна во „Инфомакс“.