„Сертификат за кафе“ – изложба на Башким Меџити во Куманово
Самостојна изложба на ликовниот уметник Башким Меџити, насловена „Сертификат за кафе“, ќе биде отворена вечер во 19 часот во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“. Организатор и координатор на проектот е Националната галерија.
Изложбата била презентирана во Националната галерија, каде што Меџити се претстави по 13 години, со триесетина дела – слики во техника акрил на платно изработени во текот на оваа година. Изложбата е триптих создаден за време на глобалната пандемија.
Кураторот, виш кустос Маја Крстевска, во каталогот за изложбата пишува дека јаснотијата на линијата и изворната чистота на формата плени во најновите слики на академскиот уметник Башким Меџити.
– Инспирацијата ја црпи од природата. Сликајќи во духот на апстрактниот експресионизам, Башким Меџити се издвојува по својата оригиналност, искреност и чистота. Со својата имагинација и интелект, тој се труди објективно да ни ја пренесе и наметне суштината на творечката природа. За крај, со триптихот „Сертификат за кафе“, Меџити го заокружува денешниот начин на живеење во услови на пандемија, пишува Крстевска.
Меџити дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Приштина, каде и магистрирал. Добитник е на повеќе награди и признанија, остварил над петнаесетина самостојни изложби во државата и странство. Бил прв претседател и еден од иницијаторите за формирање на Здружението на ликовни уметници „Draudacum” од Гостивар, основач на Факултетот за ликовна уметност на Државниот универзитет во Тетово. Активно се занимава со сликарство и скулптура.
Изложбата со делата на Меџити во Куманово ќе биде поставена во наредните 15 дена.