Серхио Рамос натеран да стави крај на репрезентативната кариера
Откако беше изоставен од патниците на Мундијалот во Катар, дефанзивецот Серхио Рамос денеска откри дека на него не смета ниту новиот селектор, па е приморан да стави крај на настапите за репрезентацијата на Шпанија.
Својата одлука на јавноста ѝ ја соопшти преку Instagram. Рамос со Шпанија стана светски првак во 2010 година, а титулата европски првак ја освои во 2008 и 2012 година. Вкупно за шпанската репрезентација одигра 180 натпревари на кои постигна 23 гола. Со толку настапи тој е Шпанец со најмногу настапи во националниот тим.
„Дојде време, време да се збогувам со репрезентацијата, нашите драги и возбудливи ‘Црвени’. Утрово ми се јави сегашниот тренер (Луис де ла Фуенте, заб. на прев.) кој ми кажа дека не смета и нема да смета на мене, без разлика на нивото што можам да го покажам или како ќе ја продолжам кариерата“, почна Рамос.
„Со големо жалење, тоа е крајот на едно патување за кое се надевав дека ќе биде подолго и ќе заврши со подобар вкус во устата, на ниво на сите успеси што ги постигнавме со нашите ‘Црвени’. Смирено верувам дека оваа траекторија заслужи крај поради лична одлука или поради тоа што мојот настап не беше на нивото на она што го заслужува нашата репрезентација, но не поради возраста или други причини што јас, без да ги слушнам, ги почувствував. Бидејќи да се биде млад или помалку млад не е доблест или мана, тоа е само привремена карактеристика што не е нужно поврзана со перформансите или способноста. Со восхит и завист ги гледам Модриќ, Меси, Пепе… суштината, традицијата, вредностите, меритократијата и правдата во фудбалот“.