Самсоненко тврди дека плацот на Водно бил негов, го купил од Камчев


 

На денешното рочиште во слуучајот „Плацеви на Водно“ се појави и рускиот бизнисмен и почесен конзул на Русија, Сергеј Самсоненко, и тврдеше дека купил земјиште од околу 10.000 квадрати на Водно, од бизнисменот Орце Камчев.

Самсоненко се појави како сведок по предлог на Камчев, кој е еден од обвинетите во овој случај.

Атрактивниот плац е во сопственост на фирмата „Лајв кеар центар“, која беше сопственост на семејството Камчеви, а рускиот бизнисмен ја купил во 2019 година.

„Тоа е моја фирма која е купена на име на жена ми по моја наредба. Веројатно не сум бил тука или нешто друго технички, па затоа на нејзино име ја купив. Нема никаква сопственост освен плац од 10.000 квадрати”, рече Самсоненко.

Според неговите зборови, тој го купил земјиштето за 110 милиони денари (1,8 милиони евра). Парите требало да ги исплати за три години, но рече дека тоа го направил и предвреме.

Бизнисменот, објаснуваше дека, всушност, Камчев му помогнал да го најде она што го бара.

„Јас некое време барав голем плац за да изградам куќа за моето семејство за живеење. Не можев да го најдам тоа што ми треба затоа што барав над 5.000 квадрати. И Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Јас разгледував неколку варијанти и ја ја одбрав оваа“, објаснуваше Самсоненко.

Според неговото сведочење, бизнисменот сега е во загуба затоа што е блокиран плацот, односно нема ниту пат до него. Со тие пари што го купив, рече Самсоненко, можел комотно да живее 15-20 години во пензија.

Покрај Самсоненко, сведочеше и сопственикот на „Супер трејд“, бизнисменот Владимир Стаиќ, кој исто така купил друг плац од „Лајв кеар центар“, во 2018 година, односно пред фирмата да ја купи семејството Самсоненко.

Стаиќ кажа дека плацот го купил од Камчев со намера да изгради куќа за да живее во неа или да изгради па да ја препродаде. Досега не изградил, како што рече, зашто во тој период купувал и градел бензински пумпи, а потоа фатила кризата со ковид-пандемијата.

Следното рочиште за овој предмет е предвидено за давање одбрана од страна на обвинетите.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.