Сепаратистите ги повикаа цивилите да заминат во Русија

Прво жените, децата и постарите треба да ги напуштат бунтовничките региони, рече лидерот на сепаратистите од Донецк


Украински тенкови за време на вежба (Фото: Ројтерс)

 

Поради опасноста од воена ескалација во источна Украина, сепаратистите лојални на Москва побараа цивилите да побегнат во соседна Русија. Прво, „жените, децата и постарите“ треба да бидат однесени на безбедно, рече шефот на сепаратистите од Донецк, Денис Пушчилин, во говорот објавен во петокот. „Привременото заминување ќе ве спаси вас и животите на вашите роднини.

Сепаратистите го обвинија украинскиот претседател Володимир Зеленски дека сака да започне офанзива „во блиска иднина“. Пушчилин рече дека борбените трупи се подготвени да ја одбранат „националната територија“ од напад на Украина. „Ќе победиме“, рече тој на крајот од видео пораката.

Киев постојано ги негираше подготовките за напад. Во петокот украинската армија остро ги отфрли обвинувањата на бунтовниците дека војниците гранатираат населби. Во четвртокот, масовното зголемување на размената на оган меѓу сепаратистите и владините единици предизвика меѓународна загриженост.

Пушчилин им се обрати на жителите со „итно барање“ да размислат за „масовното, централизирано заминување“. Во консултација со руските власти, обезбедено е сместување во соседната Ростовска област во јужна Русија. Вакви мерки наредиле и сепаратистите од Луганск. Според проценките на ОН, повеќе од 14.000 луѓе загинаа во конфликтот за отцепените региони Луганск и Донецк, кој трае од 2014 година, повеќето од нив во областите под контрола на сепаратистите. Западот ја гледа Русија како одговорна за насилството во источна Украина.