Сепак се врти….


Ерол Ризаов

Велат бавната правда е исто така голема неправда. Да, тоа е откриено уште во римското право, но точно е и тоа дека и задоцнета правда е подобра отколку никогаш да не стаса. Во судството сепак нешто се врти… Се разбира, не, како алузија на познатата реченица која му се препишува на Галилео Галилеј, наводно, искажана пред неговата смрт, осуден од инквизицијата на доживотен домашен притвор, затоа што тврдел дека земјата и другите планети се вртат околу Сонцето, а не обратно како што проповедала црквата. Галилеј, за да си го спаси животот, се откажал од својата теза и не завршил како Џордано Бруно на клада, туку во домашен затвор, за на крај да потврди дека сепак се врти… По падот на режимот на Никола Груевски и донекаде ослободувањето од стравот на граѓаните и на медиумите, се случи одамна посакуваниот амбиент на сè посилниот притисок на јавноста правдата и владеењето на правото да ги стаса и недопирливите. Чекор по чекор, правосудниот систем воспоставува доверба дека е можна правна држава.

До вчера високи политички лидери и функционери, премиери, претседатели на парламентот, пратеници, министри, полициски началници и разузнавачи, богати и моќни деловни луѓе, судии од редовните и најмалите до највисоките судски инстанции се под судска истрага, некои се веќе осудени, или предмет на истражување на редовното и Специјалното јавно обвинителство, на Антикорупциската комисија и на други надлежни институции, како што се УЈП со даночните инспекции и Агенцијата за перење пари… Не се поштедени ни актуелните политичари на власт чии кршења на законите и моралните норми наидуваат на остра сеопшта осуда. Иако за криминалот и корупцијата на носители на актуелната власт и на високи функции, обвинителствата и судството сè уште се премногу внимателни и неодлучни, веќе паднаа и првите пресуди, а и истраги во кои не се поштедени и сегашните функционери. Колебливоста на судството кога станува збор за политичари во сегашната власт и нивни блиски спреги ги надоместува решителноста и гласноста на медиумите, правдата и законите да важат подеднакво за сите, што ги дава првите скромни резултати кои не се за потценување.

Она што веќе може со сигурност да се каже иако сме далеку од владеење на правото според европските стандарди и според тоа колку луѓе се во затвор на издржување на казната и колку вратиле од украденото, конечно, во земјата е постигната една значајна цел, а тоа е прекршителите на законите живеат во страв од соочување со правдата. Останува уште невините и ограбените сосема да се ослободат од стравот таложен со децении дека ако бараат правда можат да завршат во затвор. Покрај специјалното обвинителство кое одигра историска улога и допрва ќе покаже, во поголем број судски предмети, што значи владеење на правото, пресудите на судијката Добрила Кацарска предизвикаа шок, но и паника дека правдата сепак е достижна. Попречувачите на владеењето на правото панично бараат излез во политички и партиски пропагандни и предизборни толкувања дека се работи за пресметка и политички прогон на опозицијата и за драконски казни маргинализирајќи ја тежината на престапот што значи да се организира упад во парламентот со попречување на избор на претседател и со насилство какво што не е видено досега во 75-годишната историја на Република Македонија, откако има Собрание, поточно од АСНОМ до денес. Организираниот напад на парламентот ги имаше сите обележја на крвав обид за државен удар во што покрај осудените организатори со противуставно дејствување своја улога има и претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој со кршење на уставот директно учествуваше во создавање амбиент за линч. Другите предмети кои се во тек во судниците, исто така, ветуваат поволна клима на определбата кон владеење на правото.

За жал, истата поволна клима ја нема во политиката и во Собранието, највисокиот законодавен дом, кој наместо најголем поддржувач на владеење на правото се јавува во апсурдна улога на попречувач на правдата, но и на евроатлантската иднина на државата. Во опозицијата не се прифаќа условот на Брисел дека без СЈО и без законот за јавни обвинителства нема почеток на преговорите со ЕУ. Најголемата опозициска партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски се уште не можат да соберат сили да се извинат на јавноста за злоделата направени за време на 11 годишниот режим на Никола Груевски и да дадат силна поддршка на судството да продолжи непречено со својата работа како што е тоа во правните држави. Наместо тоа се предизвикува шамата, конфузија, со 120 страници европски правни стандарди кои треба да се вградат во новиот закон за јавни обвинителства. Кога ќе се исчита таа прашума од измешани теоретски принципи од кои препишувачите немаат поим, остануваат само два разбирливи збора: општа амнестија. Врвот на ВМРО-ДПМНЕ бара слобода и неказнивост за сите осудени свои функционери и за тие што се предмет на судски истраги и постапки. Односно, Христијан Мицкоски бара јавен обвинител, погодна личност, на негов предлог и смена на првиот човек на специјалното јавно обвинителство Катица Јанева. И толку, мошне скромно од страна на компромитираното раководство.

Христијан Мицкоски не ја прикрива целта, вели, изборот за претседател на државата на Гордана Силјановска-Давкова ќе го означи падот на оваа влада и коалициска власт со што се отвораат вратите за предвремени парламентарни избори, што секако ќе означи и прекин на сите судски процеси против криминалот на претходната власт, за лојалните членови на партијата. Убаво осмислено, но неостварливо бидејќи е спротивно на историската закономерност. Попречување на правдата и на членството на Македонија во ЕУ и во НАТО стануваат не само тежок морален престап кој мора да најде место и во кривичниот закон, не само за сегашните стратегиски интереси на државата, туку строгата казнивост на секој обид за попречување на правдата од страна на моќните партиски и државни функционери од власта и од опозицијата. За тоа да се оствари, не е доволно само судството, туку силна поддршка на целото општество во пресметка со носителите на корупцијата, криминалот и злоупотребите. Во Македонија станува секој ден сè попрепознатливо кој е за владеење на правото, а кој е за амнестија и неказнивост на криминалците и тие што ги злоупотребиле своите овластувања додека заземаат високи функции.

На католичката црква и требаа 350 години да му се извини на светот и на Галилео Галилеј за неправдата што е направена. Во 1992 година светот го слушна извинувањето на Ватикан. Точно три и пол века задоцнета правда. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски немаат толку време.