СЕП ќе предложи свој експерт за уставните измени во понеделник


Најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. 

-Секако, ќе биде лице со искуство и кое долго работи на тие прашања и што ќе може да даде соодветен придонес во работната група. Се уште не е дефинирано, но најдоцна  до понеделник ќе го соопштиме и на јавноста, рече Маричиќ на заедничка прес-конференција со министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ.

Нагласи дека се работи за многу важна работна група и се надева дека и сите политички партии  ќе номинираат свој претставник. Ги повика да учествуваат во разговорот за процесот на уставни измени затоа што прашањето, како што рече, „порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат“.

Наместо ставови да се изнесуваат секој ден на прес-конференции, изјави и со партиски препукувања, таа работна група, рече Маричиќ,  е вистинското место за дискусија, за размена на идеи, давање предлози и за дефинирање на Преамбулата и двете точки што треба да се променат во Уставот.

-Од таа работна група да извадиме еден предлог кој потоа ќе најде свој простор за дискусија  и во општеството и во Собранието. Многу е попрактично и поодговорно за државата да учествуваат сите политички партии, и јас ги охрабрувам да не се плашат и да учествуваат. Бидејќи јавно ги изнесоа ставовите, тие ставови да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко решение, најдобро решение, и да изградиме македонски модел за вградување на овие три заедници или колку и да бидат, што се заинтересирани да влезат во Преамбулата на Уставот, и да го овозможиме тоа. Сметам дека на тој начин ќе се демистификува процесот повеќе отколку ако го задржиме на ниво на дневни изјави и политички препукувања. Ние ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат на таа маса и да разговараме, истакна вицепремиерот за европски прашања.