Сеопфатен договор со Софија би создал поволни услови да не се злоупотребува процесот за влез во ЕУ со нови барања 


Со новите безбедносни предизвици што во регионот ги создаде украинската криза, императив е што побрзо Западен Балкан да се интегрира во Европската Унија. Кредибилитетот на ЕУ е крајно нарушен во земјава поради одолговлекувањето на процесот на пристапување, којшто стана заробеник на интересите на државите-членки и ако се следи од морална димензија истиот е целосно неетичен и е претворен во процес на идентитетски политики, оценуваат аналитичари за МИА.

Во процесот на изнаоѓање решение со Бугарија, а во контекст и на барањето на албанскиот премиер Еди Рама за одвојување на Тирана од Скопје на патот кон ЕУ ако не се реши прашањето до јуни, потребно е да не се прават отстапки по секоја цена, сметаат аналитичарите. Тие наведуваат дека евентуално сеопфатен договор помеѓу Бугарија и Северна Македонија, што целосно би ја заштитувал земјава и Софија би се обврзала дека процесот нема да биде процесот злоупотребуван понатаму за нови барања, би создал поволни услови да се намалат ризиците за нас и да се согласиме за внесување на Бугарите во Уставот по првата меѓувладина конференција.

Во контекст на барањето на премиерот Рама за одвојување на Тирана од Скопје на патот кон ЕУ, ако не се најде решение за билатералното прашање до јуни, директорката на Европскиот институт за политика (ЕПИ) Симонида Кацарска смета дека одлуката за „одвојување“ од Северна Македонија односно почеток на преговори со Албанија е во рацете на државите членки на ЕУ.

– Во моментот немаме јасни индикации дека сите држави членки ќе се согласат на овој чекор во јуни. Сепак, ова сценарио не е исклучено доколку блокадата од Бугарија продолжи. Од друга страна, имајќи предвид дека овој процес е исклучително долг, самиот почеток и е гаранција за квалитетен процес понатаму, како што и гледаме од случаите на Србија и Црна Гора, вели Кацарска за МИА.

Директорот на Институтот за демократија Социетас цивилис (ИДСЦ), Марко Трошановски вели дека изјавата на албанскиот премиер Еди Рама доаѓа по посетата на претседателот на Албанија Илир Мета на Бугарија, каде се сретна со неговиот бугарски колега Румен Радев.

– Очигледно е дека Радев е протежер на ригидната тврда позиција на Бугарија по ова прашање и со оглед на тие информации следуваше и изјавата на Рама. Има два ефекти од истата, првиот е дека на некој начин обидот за одвојување на двете земји ќе биде дочекан од евроскептичните земји во Унијата, односно оние кои се против проширувањето, а се кријат зад другите земји ќе даде уште еден аргумент за процесот понатаму да биде одложен бидејќи ќе инсиситираат на неодвојување на двете земји – тоа е едниот ефект којшто таа изјава го има, оценува Трошановски.

Вториот ефект, додава тој, е во насока на правење притисок за забрзување за усвојување резолуција за ова билатерално прашање, во смисла на тоа дека со новите безбедносни предизвици што во регионот ги создаде украинската криза, императив е негово што побрзо интегрирање во ЕУ.

Според Трошановски, притисокот секако ќе биде зголемен и е веќе зголемен. – За жал ние сме земјата што е надвор од процесот и не верувам дека подеднаков ќе биде притисокот на двете земји. Мислам дека ние ќе бидеме изложени на поголем притисок да направиме отстапки, како што имам и порано изјавено тоа никако не смееме да го направиме по секоја цена бидејќи процесот ќе се претвори во измачување на нашето општество и држава, оценува тој.

Во однос на барањето на Софија за вметнување на бугарската заедница во Уставот, Кацарска вели дека тоа стана клучното барање на Бугарија по самитот во Брдо.

– Со тој чекор се креира основа за потенцијални и многу веројатни дополнителни барања на Бугарија во процесот. Поради тоа, од наша страна истото доколку се направи треба да биде што подоцна во пристапните преговори, оценува Кацарска.

Кога станува збор за изнаоѓање решение со Бугарија, Трошановски вели дека македонскиот јазик апсолутно мора да остане недвосмислено дел од предлог Преговарачката рамка како што е сега, без никакви додавки и дообјаснувања.

– Меѓутоа, секоја отстапка, вклучително и заложба или ветување за вклучување на бугарското малцинство во Уставот, создава голем ризик доколку не се направи на крајот од процесот по ратификација на пристапниот договор во Парламентите на земјите-членки. Евентуално еден сеопфатен договор помеѓу Бугарија и Северна Македонија што целосно ја заштитува земјата во којшто Бугарија целосно би се обврзала дека процесот нема да биде  злоупотребуван понатаму за нови барања и за нивно толкување дали ние го остваруваме или не го остваруваме Договоорот за пријателство. Евентуално таков договор може на некој начин да создаде поповолни услови и да ги намали ризиците за нас и да се согласиме за внесување на Бугарите во Уставот по првата меѓувладина конференција, вели Трошановски.

Сепак, смета Трошановски, ова е многу деликатен процес и многу отстапки се взаемно поврзани и не можеме само од еден договор за јазикот да речеме дека понатаму сме обезбедиле преговарачки процес заснован на Копенхашките критериуми.

– Тоа мора да биде нешто што целосно ќе гарантира да не заборавиме и дека Декларацијата од бугарскиот Парламент е се уште во сила, којашто е целосно негирачка за нашата држава и општество и доколку Буггарија не отстапи од истата не гледам смила како ќе влеземе во преговори со ЕУ кога една земја-членка го негира нашиот идентитет и нашата државност, истакна Трошановски.

За тоа дали во јуни е можно да имаме решение на прашањето, со оглед дека бугарскиот премиер Кирил Петков во своите неодамнешни изјави изразува оптимизам за брзо решение, но се соочи со закани од коалициските партнери за излез од власта ако се крене блокадата за Скопје, по што кажа дека секое решение ќе се носи во согласност од сите партии, за Трошановски тоа се дневно политички препукувања.

– Коалициските партнери на Петков, како што добро знаеме, прилично се противат и се ригидни по позицијата на попуштање во однос на македонско-бугарското прашање. Од друга страна евентуална политичка криза и нови избори никому од нив не му оди во прилог, со оглед на тоа што рејтинзите на сите коалициски партнери, освен на „Промената продолжува“ на Петков, се во пад, така да нови избори би донеле многу понеповолни позиции од тие што се сега и верувам дека тоа си го калкулираат настрана, дневно-политичките изјави за тврдокорност по прашањето на отстапување во врска со проширувањето на ЕУ, вели Трошановски.

Тој оценува дека иако ги толкува тие изјави во насока на дневно-политички пресметки ќе биде многу тешко по изјавата на Петков за каков било договор да добие „зелено светло“ во бугарскиот Парламент од страна на сите политички чинители, како од опозицијата така и од власта.

 

Кацарска, пак, смета дека позицијата на бугарскиот премиер Петков во однос на ова прашање е далеку од комотна.

– Од мое гледиште доколку се оди со тој пристап во Бугарија, малку е веројатно дека ќе имаме исчекор во јуни оваа година. Премиерот Петков со решавањето на ова прашање тешко е дека ќе може да ги задоволи сите во Бугарија, а истовремено да се направи исчекор што е прифатлив и за нас, оценува Кацарска.

Имајќи ги предвид случувањата во Украина и ветувањата за брз прием на Киев во ЕУ од една страна, а од друга страна одолговлекувањето на процесот за државава која од 2005 има статус земја-кандидат, Трошановски и Кацарска се согласни дека овој процес стана заробеник на интересите на државите-членки и е целосно неетички од морална димензија.

– Ако сакаме да го следиме процесот од морална димензија се разбира дека истиот е целосно неетички. Се разбира дека по основ на проширување како од Грција и сега од Бугарија е претворен во процес на идентитетски политики, менување на македонскиот идентитет. Ако го цениш од таа перспектива процесот е апсолутно неправичен, незаснован на правилата на игра што самата Унија ги има поставено како на Копенхаген така и на Мастришките критериуми и токму затоа кредибилитетот на Унијата во нашата земја е исклучително срозен, рече директорот на ИДСЦ за МИА.

Според нашите последни истражувања, додаде тој, во споредба со минатата година падот е огромен, додека 43 проценти пред една година ја сметале Европа за најдобар сојузник на Северна Македонија, сега тој пад е околу девет проценти, што, вели, е фрапантна деградација на кредибилитетот.

– Процесот за жал е заложник на консензуалното носење одлуки во ЕУ и очигледно дека тој во комбинација со внатрешните структурни проблеми коишто Унијата ги има и којшто проширувањето го става на второ место и понатаму ќе биде кочничар на нашите европски амбиции. Кризата во Украина ја спомнавте, таа го прави поповолен контекстот за нас бидејќи прави притисок од аспект на стабилност што речиси секогаш било во приоритетите на европските партнери кога го третирале регионот, пред се нив ги интересира стабилноста на регионот, а понатаму се останато, така што може да биде поволна околност за некакво решавање. Меѓутоа, не треба процесот да го гледаме од аспект на некаква правичност бидејќи таа и не постои очигледно, оценува Трошановски.  

Кацарска пак, смета дека е јасно оти процесот за пристапување во ЕУ во случајот на земјите од нашиот регион се одолговлечи и стана заробеник на интересите на државите членки.

– Од друга страна, иако геополитички оправдан, тешко е разбирлив чекорот на Унијата во овие услови да достави прашалник за членство до Украина. Постои ризик на дополнително разводнување на процесот преку вакви чекори. За нас сепак е клучно да развиеме домашна стратегија со која ќе ги искористиме предностите кои ни ги дава истата ССА потпишана пред 21 година и да бидеме гласни за нашето место во европското семејство, како држава која покажува солидарност со заедничката надворешна политика на Унијата, оценува директорката на ЕПИ за МИА.