Сензацијата Андреску против Серена Вилијамс во финалето на „Ју Ес Опен“


САД– 19-годишната дебитантка на „Ју Ес Опен“, Бјанка Андреску, создаде нова сензација. Канаѓанката стигна до финалето во Њујорк, совладувајќи ја Белинда Бенчиќ со 7:6 (3), 7:5 за 2 часа и 15 минути игра.

Андреску оствари импресивни 40 винери, иако имаше 38 непридизвикани грешки. Таа запиша 7 аса, но направи 9 двојни грешки. Сепак, Бенчиќ имаше само 16 винери на натпреварот и 32 непридизвикани грешки и само 2 аса на нејзина сметка.

Тинејџерката на тој начин стигна до своето прво Гренд-слем финале во своето деби на терените на „Флешинг медоус“. Таа е прва тенисерка која постигнала такво нешто од Венус Вилијамс во 1997 година.

Во битката за трофејот, Канаѓанката ќе се соочи со Серена Вилијамс во сабота,која претходно ја совлада Елина Свитолина со 6:3, 6:1.

Ова ќе биде повторено финале на од „Роџерс купот“, кое сепак не се одигра до крај, бидејќи Американката се откажа поради повреда по само 4 одиграни гема (3:1 за Андреску).