Сензација во Монте Карло: Ѓоковиќ загуби од Дан Еванс


Британецот го оствари својот најголем успех во кариерата победувајќи го во два сета светскиот рекет број 1 со 6:4 и 7:5. Надал го „издува“ од теренот Григор Димитров со 6:1 и 6:1

 

Дан Еванс ја оствари најдобрата победа во кариерата откако го шокираше Новак Ѓоковиќ во третото коло на Мастерсот во Монте Карло.

Британецот број 1, чија победа во првото коло беше прва на земја на ниво на турнејата по четири години, никогаш не победил некој од топ-шест играчите, но тој одигра брилијантно против Ѓоковиќ, победувајќи го светскиот рекет бр.1 во два сета со 6:4 и 7:5.

„Честитки за него [Еванс]. Мислам, тој заслужи да победи. Тој беше подобар играч. Беше пофокусиран и играше со подобар квалитет во решавачките моменти“, рече Ѓоковиќ.

„Ова е веројатно еден од најлошите натпревари и настапи од моја страна, на кои можам да се сетам во последните години. Не сакам да одземам ништо од неговата победа, но, од моја страна, едноставно се чувствував ужасно на теренот. Ништо не функционираше.. Тоа е еден од тие денови. Не можам да земам ништо позитивно од овој меч. Ова не е прв ниту последен загубен меч, но дефинитивно остава горчливо чувство да излезе од теренот на овој начин“, разочарано зборуваше Ѓоковиќ после мечот.

Еванс откри дека Ѓоковиќ му дал дополнителна мотивација. „Ме држеше да чекам во соблекувалната пред натпреварот, така што тоа беше малку вознемирувачко, ме натера да се запалам малку“, рече 30-годишникот. „Ова е еден против еден, мора да ги удираме топките и да видиме кој ќе победи. Денес ми даде евтини поени, што никогаш не ги прави нормално, така што имав малку среќа, но јас сум навистина среќен што одам понатаму“.

Еванс во наредната рунда ќе се сретне со Давид Гофан, кој беше подобар од Александар Зверев.

По Ѓоковиќ и Еванс на главниот терен излегоа Рафаел Надал и Григор Димитров. „Кралот на земјата“ го „издува“ од теренот Бугаринот Димитров победувајќи го за 50-ина минути во два сета со 6:1 и 6:1.