Сенката на можна трговска војна се надвиснува над односите ЕУ-САД
Американскиот претседател Доналд Трамп неделава ги повтори своите закани дека ќе воведе царини за увозот на стоки од Европската Унија во САД, најави кои предизвикаат вознемиреност во ЕУ, иако европските лидери се обидуваат да манифестираат смиреност и подготвеност за разговори и компромиси за надминување на разликите.
Трамп во петокот од Белата куќа порача дека „апсолутно“ ќе воведе царини за увоз на европските производи на американскиот пазар, обвинувајќи ја Унијата за нефер трговски практики и за „ужасен“ третман на САД.
Според него, европскиот пазар главно е затворен за пласман на американски производи, што го докажува и големиот дефицит на САД во трговската размена со ЕУ.
Ваквите закани Трамп ги кажа и при видео-обраќањето на Светскиот економски форум во Давос минатата недела, истакнувајќи дека ја сака Европа, но дека ЕУ се однесува „многу, многу неправедно“ кон САД со својот висок корпоративен данок, со казните за американските информатичко-технолошки компании и со нејзиниот суфицит во меѓусебната трговска размена.
– Од гледна точка на Америка, ЕУ се однесува кон нас многу, многу неправедно, многу лошо. Тие не ги земаат нашите земјоделски производи и не ги земаат нашите автомобили, но сепак ни испраќаат автомобили со милиони, рече Трамп, порачувајќи дека е „дојдено време за наплата“.
Според статистичките податоци на ЕУ, блокот во 2023 година остварил трговски суфицит во размената на стоки со САД од 156,6 милијарди евра, но и дефицит од 104 милијарди евра во размената на услуги.
Во врска со неговите предизборни најави за воведување на „универзален данок“ од 10 до 20 отсто за сиот увоз во САД, Трамп од Давос порача дека оние што „не произведуваат во Америка, многу едноставно ќе треба да платат данок“ за своите производи.
Новиот американски секретар за финансии Скот Бесент по обраќањето на Трамп во Давос се обиде да „ја спушти топката“, порачувајќи дека ваквите пораки на претседателот на САД „не се закана“, туку став од „пошироката преговарачка стратегија насочена кон зајакнување на американската индустрија“.
Сепак, закана или не, најавите на Трамп предизвикаа горчлив круг и вознемиреност во ЕУ, која се обидува да промовира мерки за поттик на нејзината забавена економија, чиј раст значително заостанува зад оној на економиите на САД и Кина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, исто така, од Давос повика на уривање на бариерите и најави подготвеност за „прагматичност“ во трговските односи со САД, но и одбрана на интересите на ЕУ, додека шефицата на Европската централна банка Кристин Лагард апелираше на поедноставување на процедурите и отстранување на бариерите во трговијата.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас порача дека Унијата е секогаш подготвена да соработува со секоја Американска администрација и очекувам многу добра соработка со новите власти во САД.
– Се разбира, стилот на различни администрации е различен и ние треба да ги прилагодиме нашите методи на работа со тоа, порача Калас.
Таа додаде дека политиката на Вашингтон има „големи импликации“ врз ЕУ и неговиот нов пристап бара збивање на редовите, бидејќи ЕУ и САД се посилни само кога се обединети.
– Европа е економски играч од тешка категорија и доверлив партнер, а САД се нашиот најблизок сојузник. Нашите противници соработуваат многу тесно, па затоа треба и ние. Само заедно Европа и Северна Америка ќе бидат посилни и побезбедни, додаде Калас.
Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо пак порача дека ЕУ нема сознанија за воведување какви било дополнителни царини за европските производи, додавајќи дека царините „создаваат непотребно економско нарушување“.
– Нашите трговски и инвестициски односи со САД се најголеми на глобално ниво. Отворените пазари и почитувањето на меѓународните трговски правила се од суштинско значење за силен и одржлив економски раст, изјави Пињо.
И покрај ваквите помирувачки пораки кон Белата куќа, во ЕУ постои стравување дека со поддршка на магнатите од информатичко-технолошката индустрија, Трамп би можел „да ја подели Европа“, воспоставувајќи поблиски односи и трговски врски со некои од земјите членки, како Италија или Унгарија.
– Постои реална опасност одделни земји членки да се обидат да добијат отстапки од Трамп за сметка на ослабување на единствената европска преговарачка позиција, смета политичкиот аналитичар во берлинскиот Центар „Жак Делор“, Артур Лајхтхамер.
Токму, американските компании од ИТ индустрија, како „Мета“, „Епл“ и „Икс“, се на удар на Европската комисија која покрена истраги за усогласеност на нивните онлајн платформи и социјални мрежи со одредбите на Законот за дигитални услуги на ЕУ и за ширење дезинформации и говор на омраза. ЕУ особено „го фати на заб“ првиот човек на „Икс“, Илон Маск по неговите јавни критики на сметка на неколкумина европски лидери и поддршката на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) на претстојните германски предвремени парламентарни избори, што во блокот беше оценето како негово „мешање во европската политика“.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс се закани со преиспитување на американската поддршка за Европа, доколку ЕК преземе санкции против „Икс“ и Маск, кој на претседателските избори во САД во ноември минатата година го поддржа Трамп и учествуваше во неговата кампања.
Дополнително, покрај најавите за царини за увозот на европскиот увоз и заканите за „контра-мерки“ во случај на санкционирање на американските ИТ гиганти, Белата куќа бара и ЕУ да купува повеќе енергенси со САД.
На ваквата порака на Трамп, портпаролката на Европската комисија за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен одговори дека ЕУ е подготвена да разговара со Вашингтон околу барањата за набавка на поголеми количества нафта и гас од САД.
– Приоритет е да имаме разговори, да разговараме за заедничките интереси и да бидеме подготвени да преговараме, рече Итконен, потенцирајќи дека иако самата Европска комисија не купува или продава течен природен гас (ЛНГ) или кој било друг енергенс, сепак е подготвена да разговара со американските претставници за ова прашање.
Идејата за набавка поголеми количества на горива од САД, во неколку наврати ја поддржаа и Европската комисија и Фон дер Лајен, како еден од начините за прекин на зависноста на ЕУ од руските енергенси.
Како резултат на одлуката на ЕУ за намалување на енергетската зависност од Русија по нејзината инвазија врз Украина, САД станаа најголем снабдувач на ЛНГ и втор по големина добавувач на гас на Унијата. Од почетокот на годинава над половина од увезениот ЛНГ во земјите членки на ЕУ потекнува од САД, со што, според економски експерти, блокот се доведува во позиција досегашната руска енергетска зависност да ја замени со американска и тоа по повисока цена.
Универзитетскиот професор од Виенскиот институт Бранимир Јовановиќ, во изјава за МИА, посочи дека доколку Трамп ги оствари најавите за увоз на царини за увозот од Кина и Европа, тоа ќе значи почеток на трговска војна бидејќи веројатно и Пекинг и Брисел ќе одговорат со слични мерки, што ќе резултира со повисоки цени на увозните производи, помал увоз и извоз, повисока инфлација и пониска економска активност.
– Во колкава мера, ќе зависи од тоа до каде ќе одат работите, ама во некое благо сценарио, моделите покажуваат дека глобалниот раст би забавил за околу 0,3 процентни поени, а во полош случај, за цел поен. Со оглед на тоа што светскиот БДП е околу 110 трилиони долари, тоа значи дека цената на трговската војна би била помеѓу 350 и 1100 милијарди долари годишно, вели Јовановиќ.
Според него, се чини дека Трамп ќе ги користи царините како средство за остварување други цели.
– Конкретно, ќе бара ЕУ да купува повеќе оружје, нафта и гас од Америка и ќе уценува дека ќе воведе царини доколку не дојде до тоа. Според досегашните изјави на европските политичари, се чини дека повеќето од нив се согласни да го направат тоа, што е своевидно клекнување на колена пред Трамп, ама веројатно би ја спасило ЕУ од царини, барем на некое време, вели Јовановиќ.
Сепак, според него тоа ќе биде решение на краток рок, затоа што Трамп веројатно постојано ќе има нови барања, што луѓето во Европа нема да можат да го поднесат. – Затоа сметам дека е само прашање на време кога ќе бидат воведени царините, смета Јовановиќ.
Извршниот директор на бриселскиот Центар за европски политички студии, Карел Лано, пак, смета дека примарниот стратешки фокус на Вашингтон е насочен кон Пекинг, а не кон Брисел.
– Нивната опсесија е Кина, смета Лано.
Според него, американските официјални претставници Европа ја сметаат за слаба и така и се однесуваат кон неа.
– Тие дејствуваат врз основа на премисата дека каква и да е политиката што Вашингтон ќе одлучи да ја води, Европа ќе продолжи да го следи затоа што и е потребно блиско партнерство со САД за НАТО и за одбранбените цели, вели Лано.
Тој смета дека Трамп „веројатно ќе биде доволно паметен“ да ги спротивстави земјите членки на ЕУ една против друга и дека ќе ја користи големата безбедносна зависност на Европа од САД за притисок врз Унијата за време на преговорите за трговските прашања.
ЕУ веќе има искуства со трговски спорови со Администрацијата на Трамп за време на неговиот претходен претседателски мандат, кога во 2018 година САД воведоа царини за увоз на челик и алуминиум од земјите членки на ЕУ. На ваквата мерка на Вашингтон, ЕУ одговори со воведување царини за некои американски производи, како бурбонот, мотоциклите „Харли-Дејвидсон“ и фармерките.
Сепак, економската состојба во ЕУ сега е значително полоша отколку пред седум години, како последица на Ковид-пандемијата, енергетската криза и зголемените трошоци поврзани со руската агресија врз Украина.
Доколку ЕУ во очекуваните претстојни трговски преговори со САД прифати некои од барањата на Трамп, тоа би резултирало со дополнителни трошоци, за што не е едноставно да се обезбедат средства особено во услови кога „не цветаат рози“ во најголеми европски економии – Германија трета година по ред се соочува со рецесија, Франција забележа раст на БДП од само 0,1 отсто, а состојба не ништо подобра ниту во Италија.
Пратеникот во германскиот Бундестаг од редовите на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), Нилс Шмид, смета дека Европа овој пат е многу подобро подготвена за вториот претседателски мандат на Трамп, отколку за првиот, но ваквиот негов оптимизам не го споделуваат повеќето европски дипломати.
Еден од нив, во изјава за бриселскиот портал „Еурактив“, оцени дека вториот мандат на Трамп ќе биде „многу полош од првиот“, потенцирајќи дека клучно прашање во дипломатските кругови е дали Трамп ќе ги исполни сите закани што ги упати во периодот пред неговата инаугурација. – Со други зборови, прашање на годината е дали навистина е толку луд, колку што звучи?, изјави тој.