Сенатска комисија го обвини Ентони Фаучи за непочитување на Конгресот: Случајот оди до Министерството за правда


Комисија на американскиот Сенат изгласа резолуција со која поранешниот директор на Националниот институт за алергии и заразни болести, Ентони Фаучи, се обвинува за непочитување на Конгресот поради неговото одбивање да одговара на прашања поврзани со управувањето со пандемијата на Ковид-19.

Со усвојувањето на резолуцијата се отвора можност Министерството за правда на САД да разгледа дали има основа за покренување истрага за тоа дали Фаучи законски ги искористил своите уставни права.

Комисијата гласаше една седмица откако Фаучи повеќе од 100 пати се повика на Петтиот амандман од американскиот Устав за време на сослушување пред Сенатската комисија за внатрешна безбедност и владини прашања, одбивајќи да одговори на прашања што би можеле да доведат до негова самоинкриминација. Според локални медиуми, случајот отвори нови правни дилеми околу овластувањата на Конгресот да бара исказ од поранешен функционер кој претходно бил помилуван.

Претседателот на комисијата, републиканскиот сенатор Ренд Пол од Кентаки, кој ја иницираше резолуцијата, изјави дека уставната заштита во случајот не е применлива, бидејќи Фаучи бил помилуван од тогашниот претседател Џо Бајден и, според него, повеќе не се соочувал со ризик од федерално кривично гонење.

Фаучи и демократските сенатори, кои едногласно гласаа против резолуцијата, возвратија дека тој имал оправдан страв од самоинкриминација, имајќи ги предвид јавните најави на републиканците дека ќе бараат негово кривично гонење.

– Д-р Фаучи не беше изложен на опасност од федерално кривично гонење. Единствено што требаше да направи беше да ја каже вистината – изјави Пол на почетокот на денешното сослушување.

Тој најави дека ќе се обиде случајот директно да го проследи до Министерството за правда, наместо прво да биде разгледан од целиот Сенат, и покрај забелешките на демократските членови на комисијата кои ја оспорија законитоста на таквиот чекор.

При минатонеделното сослушување, Фаучи објасни дека се повикал на Петтиот амандман бидејќи смета дека постои реална опасност од кривично гонење, посочувајќи дека сенаторот Пол јавно ветувал дека ќе најде основа за да го „испрати зад решетки“.

Адвокатот на Фаучи, Дејвид Скертлер, оцени дека резолуцијата претставува „продолжение на личната вендета“ на сенаторот Пол против неговиот клиент.

– Денешното гласање по партиска линија е груб политички трик насочен кон казнување на д-р Фаучи затоа што ги искористи своите уставно загарантирани права – изјави Скертлер, обвинувајќи го Пол за злоупотреба на овластувањата.

Фаучи, кој беше еден од клучните советници на американската администрација за време на пандемијата на Ковид-19, со години е цел на критики од републиканците. Тие го обвинуваат дека ја поддржал теоријата за природно потекло на вирусот, дека ги финансирал контроверзните истражувања на вирусот во лабораторијата во Вухан и дека давал противречни јавни изјави за носењето маски и за ефикасноста на вакцините.