„Семос едукација“ одбележува 25 години постоење


Центарот за обуки од областа на информатичките технологии „Семос едукација“ одбележува 25 години постоење. Обуките во Семос досега ги следеле над 10.000 учесници од над 20 држави од Европа и светот.

– Горди сме на фактот што Семос Едукација во изминатите 25 години се етаблираше како сериозен чинител во општеството помагајќи им на 100.000 лица во креирање и усовршување на своите дигитални вештини и кариери. Во нашата држава бевме први кои започнавме со долготрајна едукација преку академии и кои воведовме стандарди за професионална IT едукација преку партнерства со најпознатите IT компании од светот. Двигател сме на новини и континуирано промовираме обуки кои ќе придонесат во напредок на целокупното општество, вели Валентина Тасева, генерална директорка на Семос едукација.

„Семос едукација“ секоја година доделува стипендии за млади и талентирани поединци, со цел да го поддржи нивното напредување во кариерата.

На учесниците на обуките на располагање им е и менторска програма, во рамки на која тие работат под раководство на професионалци од најдобрите компании во регионот. Некои од нив овозможуваат пракса или вработување за најдобрите учесници на програмата. По завршување на обуката, на сите учесници им е обезбеден пристап до Кариерниот Центар на Семос едукација.

Компанијата е и еден од основачите на LLPA – Меѓународна асоцијација на водечки тренинг центри во која членуваат најдобрите 33 центри за обука од светот.