Семејните винарии конечно ќе можат да го градат својот бренд


Малите производители на вино конечно ќе можат да го градат својот бренд, очекуваме во деновите што следуваат да бидат регистрирани повеќе мини вински фамилијарни бизниси, откако во изминатиот период беа извршени неколку законски измени со кои се доближивме до европското законодавство во оваа сфера. Ова за МИА го истакна Горан Јаковлевски, претседател на Здружението „Тиквешки семејни винарии“.

Тој нагласи дека се очекува да бидат минато обидите на некои од производителите во минатото, на црно да продададт дел од своето производство.

-Интерес за нашите вина постои кај винољупците, кај клиентелата што сака да ужива во домашно произведени вина. За жал, во изминатиот период ниту ние производителите имавме можност да се регистрираме како такви, ниту пак државата можеше да има бенефит од нашата работа. Во земјава има илјадници производители на вино во домашни услови. Затоа баравме модел да влеземе во соодветната законска регулатива и дел од тие производители да се регистрираат и да го развиваат својот бизнис. Со самата регистрација, ќе можеме да користиме поволни финансиски средства од различни фондови. Нормално, нашите вина пред да се пуштат во продажба, ќе ги имаат сите неопходни анализи од надлежни институции, рече 44-годишниот винар, кој винарскиот занает го учел од својот дедо.

Разговаравме во семејниот вински подрум кој си ја задржал својата автентичност низ годините.

Додаде дека се заљубил во производството на вино, иако не е енолог по професија.

-Дипломирав на Факултет за туризам и угостителство во Охрид. Но виното и тоа како има врска со винскиот туризам и развој на винските патишта. Една од желбите која цело време ја форсирам во Здружението, е сериозно да го развиеме и винскиот туризам. Жално е што огромен број транзитни туристи до пред пандемијата од коронавирус се движеа по автопатот кај Неготино, особено летниот период, а се немаше начин како да бидат привлечени и да им се покаже традицијата на винарството на овие простори. Иако, рака на срце, до пред пандемијата и самите организиравме дегустации, а имаше и заинтересирани кои сакаа да ја слушнат тиквешката винска приказна. Регионов има сериозен потенцијал да живее од производство на вино, тој потенцијал треба да се искористи. Продажбата на вино од праг да заживее и кај нас. Винските туристи да дојдат, да дегустираат и да си заминат задоволни со по некое купено шише вино. А на тие што сакаат да се оддалечат од градските вреви и да видат нешто поразлично, да им се овозможи ете и да учествуваат во самата берба на грозје или да видат одблиску како се раѓа виното, рече овој кавадарчанец кој преферира црвени вина, откривајќи дека ,,вранец“ му е влезен во душата, како моќно и силно вино, особено за во зима, кога, според него, е незаменливо. За лете, симпатизира бели вина, сака да ужива во нивниот вкус, главно ароматична ,,темјаника“.

Потсети дека периодов ќе биде запаметен по тоа што се формира здружението и беа донесени измени во Законот за вино кои им одат во прилог на малите вински производители. -Членуваат производители на вино, ракија и маџун. Целта на Здружението е да ја негуваме традицијата на начинот на производство на вино и останти производи од грозје. Добивме законски одредници како во европските земји. Ни се овозможи да се регистрираме како производители, иако не сме енолози по професија. Ние имаме семејна долгогодишна традиција на производство на вино, ракија, маџун, иако не сме факултетски образувани од областа на енологијата. Добро е и разграничувањето на малите семејни винарии, од средни винарии и големи винарски визби. Има желба за регистрирање и да почнеме да се регистрираме, па да функционираме како мали семејни винарии и да се појавиме на пазарот, во угостителски објекти и во брендирани продавници за продажба на вина, рече Јаковлевски.

Активни се дваесетина, иако вкупната бројка на членови во Здружението е над 30. Во изминатиот период имаа бројни активности. Соработуваат со Здружението на македонски енолози.

-Човекот учи додека е жив. Сите ние сме главно самоуки, имаме свои тајни формули, но и сакаме да се надградиме како винари. Енолозите ни помагаат на традицијата да додадеме нешто наука, а притоа нашето вино да не изгуби од шмекот што го има бидејќи е произведено по рецептот на нашите дедовци, дециден беше Јаковлевски.

Рецептот за производство на вино во иднина ќе му го остави во наследство на својот син кој иако е средношколец, му помага во работата.

Во ова винско семејство, старите бочви за вино кои си го отслужиле своето, не се фрлаат. Напротив, тие како уникатни реквизити го разубавуваат дворот на Јаковлевски.