Селин Дион во фустан инспириран од изгледот на Оскарите во 1997 година – за неговата изработка биле потребни над 1.380 часа


Париз – Селин Дион го заокружува првиот дел од својата серија концерти во Париз со една навистина посебна креација.

Поп-пејачката (58) го приведува кон крај својот петнеделен ангажман во арената „Ла Дефанс“ (La Défense Arena), носејќи блескав, специјално изработен фустан од „Шанел“ (Chanel). Креацијата е инспирирана од нејзиното појавување на доделувањето на Оскарите во 1997 година, кога носеше модел дизајниран од Карл Лагерфелд, тогашниот дизајнер на „Шанел“.

Дион излезе на париската сцена за третиот настап пред крајот на првиот дел од нејзината концертна серија, облечена во светкав фустан во сребрена и темно-сина боја, со корсет, нагласени колкови и драматичен шлиц.

Во објава на Инстаграм, модната куќа „Шанел“ сподели повеќе детали за креацијата, дело на креативниот директор Матје Блази. „Изгледот е целосно рачно изработен во ателјеата на улицата Камбон бр. 31 во Париз, со специјален вез од ’Ателје Монтекс‘ (Atelier Montex) – еден од занаетчиските ателјеа кои се дел од центарот ’ле19М‘ (le19M)“, стои во описот.

Дион носеше и дијамантски ѓердан во форма на ѕвезда-падалка, слично на она што го имаше на себе за време на церемонијата во 1997 година.

Пејачката се осврна на овој момент, кој симболично го заокружува кругот на времето, во своја објава на Инстаграм. „Пред триесет години, на Оскарите, носев фустан од ’Шанел Кутјур‘… Ова не е истиот фустан, туку нова интерпретација на оригиналниот изглед што го носев на црвениот тепих. Носејќи ја оваа верзија сега, како да се враќам назад во времето“, напиша таа.

Според магазинот „Вог“ (Vogue), за изработката на овој модел биле потребни повеќе од 1.380 часа работа, а на него се вградени 6.000 скапоцени камења и 5.000 мониста.

Фустанот е изработен од „везен муслин, кој обвива внатрешен корсет со постава. Деколтето е украсено со рафија, а целата креација е финализирана со кристали, ситни мониста и стаклени перли“, наведуваат од „Вог“. Ѓерданот на Дион беше алузија на оригиналниот „Шанел“ ѓердан што таа го носеше на доделувањето на Оскарите во 1997 година, а беше изработен од платина, 18-каратно бело злато и 1.080 дијаманти со вкупна тежина од над 67 карати.

На церемонијата во 1997 година, канадската суперѕвезда стана првиот изведувач што настапил двапати во текот на истата вечер, пеејќи ја својата песна „Because You Loved Me“, како и преработка на песната „I Finally Found Someone“ од Барбра Страјсенд.

Нејзините настапи во Париз беа првите големи појавувања на Дион на сцена откако во декември 2022 година објави дека ѝ е дијагностициран „синдром на вкочанета личност“ (stiff-person syndrome). По дијагнозата, таа за првпат настапи во 2024 година, во подножјето на Ајфеловата кула, како дел од церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз. Неколку месеци подоцна, ѕвездата повторно настапи на модната ревија „1001 Seasons of Elie Saab“ во Ријад, Саудиска Арабија.

Оваа недела, Дион доби своја „Barbie Signature“ кукла, која е посветена на нејзината изведба на песната „My Heart Will Go On“ (од филмот „Титаник“ од 1997 година) на доделувањето на Оскарите во 1998 година. Таа вечер, песната ја освои наградата за најдобра оригинална песна.

Исто како Дион на таа церемонија, куклата носи темноплав фустан со долги ракави и ѓердан инспириран од синиот дијамант во форма на срце – „Срцето на океанот“ – од филмот „Титаник“.