Селин Дион блесна во „Диор“ и со огромен дијамантска ѓердан од 10 карати на првиот од серијата концерти во Париз
Париз – По повеќе од шест години отсуство од јавноста, поп-ѕвездата на хитот „My Heart Will Go On“ се врати на сцената – враќање што долго се очекуваше – во дизајнерска креација блескава од дијаманти. За првата вечер од серијата концерти, кои ќе се одржуваат во арената „Пленитуд“ (Plenitude Arena) до 17 октомври, со дополнителни термини во мај 2027 година, Дион блесна во уникатен фустан од „Диор“ и масивна дијамантска огрлица чиј импресивен сјај допираше далеку зад првиот ред.
Огрлицата од „Бушерон“ (Boucheron), за чија изработка биле потребни 1.107 часа, имала основа од бело злато и приврзок од дијамант од 10 карати со „смарагдно“ брусење, се наведува во соопштението за јавноста. Накитот вклучува и лента од ситни дијаманти во форма на стапчиња (т.н. „багет“ брусење) поставени еден до друг, како и детали од црн лак.

Црниот фустан на Дион се одликуваше со драматична, скулптурална силуета и сјајни набрани детали. Фустанот без ракави беше струкиран, а потоа се ширеше во здолниште со асиметричен крој и волуменозен дел околу колковите (пеплум) што потсетуваше на ливчиња од цвет. Долниот дел од здолништето беше тесен и изработен од попроѕирна ткаенина. За своето гламурозно враќање на сцената, Дион остана доследна на својот препознатлив стил, одлучувајќи се за елегантно крената коса и шминка во нежни, розови тонови.

За време на настапот, пејачката на хитот „The Power of Love“ одвои момент да ѝ се обрати на публиката, при што не можеше да ги задржи солзите. „Морам да признаам дека патот беше тежок“, рече таа на сцената, говорејќи за својата дијагноза, според магазинот „Варајети“ (Variety). „Патувањето траеше подолго од очекуваното, со неочекувани застанувања по патот. Но, издржав. Гледав слаб зрак светлина во далечината, длабоко во планините. Верував во тоа. И еве го. Сонцето – сонцето е тука. Сонцето, токму пред мене.“
Долгоочекуваното музичко враќање на Дион доаѓа четири години откако ѝ беше дијагностициран синдромот на вкочанета личност (Stiff Person Syndrome). Оваа состојба предизвика сериозни симптоми, вклучувајќи грчеви кои доведоа до „скршени ребра“ и го направија пеењето речиси невозможно. Сепак, по примена на интензивен нов режим на рехабилитација, Дион е подготвена повторно да настапува, а очигледно е дека тоа има намера да го прави со стил.