Сефер Селими: Кому му објавува војна ЗНАМ?

Аналитичарот Сефер Селими реагираше на денешната, што би рекол лидерот на СДСМ, патетична прес конференција на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој политиката на ЕУ кон Македонија, под влијание на Бугарија, ја спореди со геноцидот во Треблинка. Според Селими, највисоките функционери во Македонија го промовираат евроскептицизмот се поотворено и подиректно и вртат грб на „Европска Македонија“.
„Ако порано евроскептицизмот се промовираше на маргините на јавниот дискурс, додека мејнстрим политичарите го артикулираа доста внимателно и срамежливо, денес овој евроскептицизам под маската на национална гордост, виктимизација и историски неправди е главниот наратив што го промовира самиот премиер Христијан Мицкоски, а малку погрубо и директно неговиот главен коалициски партнер, Максим Димитриевски.
Кому му објавува војна ЗНАМ? Избавување од кого? Од Европската Унија? Од НАТО? Што значи оваа паралела? Дали ЕУ се Талибанци? Наци-фашисти?
Го разбирам Димитриевски, бидејќи тој е еден од оние политичари кои го добија мандатот со гласовите на Албанците, а приклучувањето кон владата го оправда со принципот „ да се обезбеди стабилно мнозинство за да не биде повторно уценувана од Албанците во Македонија“. Но, не ги разбирам другите кои гледаат како сè врз кое е изграден концептот за рамноправна и европска Македонија се урива пред нивните очи. Колку чини тишината? Обезвреднување? Релативизирањето? Образложението за ова што се случува? Колку е вредна таа?„- запраша Селими преку сиоцијалните мрежи.
Претходно Димитриевски одржа историска лекција јавајќи најсилно на бранот на неправдните што како пропагандно политичко мото од вчера се во оптек во владината коалиција.
„Историјата нè учи, но само ако сакаме да ја слушнеме! Во мракот на Втората светска војна, македонските Евреи беа немилосрдно собрани, депортирани и пратени во логорот Треблинка. Тоа не беше само обична воена операција, тоа беше систематски и организиран геноцид, извршен под директива на фашистичка Бугарија. Над 7.000 души – мажи, жени, деца, беа избришани од македонската почва, без да се вратат назад, без сведоци, без глас. И денес, 80-тина години подоцна, истата идеологија, само со поинакви методи, се обидува да го избрише македонскиот народ. Нема гасни комори, но има политички условувања. Нема возови кон Треблинка, но има преговори што водат кон поништување на идентитетот. Нема униформирани фашисти, но има модерни дипломати со исти цели: да го претворат македонскиот народ во историска забелешка, без јазик, без култура, без корен. Тоа што не го завршија со еврејската заедница во Македонија во 1943, сега се обидуваат да го сторат со целиот македонски народ“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека тогаш нè убивале телесно, денес сакаат да нè убијат духовно и национално.
„Тогаш се криеја зад окупаторски униформи, денес се кријат зад членки на Европската унија. Но, македонскиот народ постои. Преживеавме империја, асимилација, колонизација и геноцид. Ќе ја преживееме и оваа нова закана. И нема да молчиме – рече тој, додавајќи дека сега не нè напаѓаат со оружје, туку со параграфи, услови и напишани „пријателства“ во анекси и протоколи.