Селфи од Генералното собрание на ОН: „Само момент, молам“

Пред почетокот на своето прво обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, 38-годишниот претседател на Ел Салвадор, Наџиб Букеле, побара од публиката да причека секунда.

На изненадување на многумина, тој го извади својот мобилен телефон и направи селфи.

Потоа следеше пораката: „Верувајте ми, многу повеќе луѓе ќе го видат селфито отколку што ќе го слушнат овој говор“, рече Букеле пред обраќањето, повикувајќи ги ОН да фатат чекор со времето и светските лидери повеќе да се поврзат со младите од своите земји.

Букеле, како поранешен градоначалник на главниот град Сан Салвадор, е чест корисник на социјалните мрежи. Во говорот својата победа на изборите ја припиша на владеењето со социјалните мрежи како Фејсбук лајв, додавајќи дека неговите политички соперници не го сфаќаат значењето на социјалните мрежи.

Во уште еден момент створен за друштвените мрежи, неговата сопруга Габриела, ја доведе нивната ќеркичка Лајла да го слуша говорот на претседателот.

По обраќањето, Букеле ја постави фотографијата на Твитер, каде доби повеќе од 7.000 лајкови за помалку од час.

„Можеби за неколку години, илјадници од нас нема да мора да патуваат во Њујорк за да се состанат во оваа зграда“, рече Букеле, коментирајќи го своето селфи под логото на ОН над говорницата на Генералното собрание на ОН.

„Серија видеоконференции чинат неколку стотици милиони долари помалку, и сигурен сум дека би постигнале ист учинок, ако не и поголем“, додава тој.