Селфи на израелските војници со урнатините во Газа
Фотографот на Асошиетед прес, Цафрир Абајов, ја покрива границата меѓу Израел и Газа речиси 20 години. Тој на 19 февруари направи една амблематична фотографија како израелски жени војници прават селфи пред огромната девастација на Газа. Таа стана приказна која зборува за себе за војната на Израел против Хамас.
Цафрир Абајов напиша за АП како ја направил оваа фотографија и зошто токму таа:
Зошто оваа фотографија
Пораснав во Ашкелон, на околу 10 километри северно од Газа, и ја покривам границата меѓу Израел и Газа речиси 20 години, па ја знам оваа граница од крај до крај. Имам многу места каде знам дека можам да добијам добра слика. На овој ден, возев и видов група војници кои се качија на тенковска позиција на израелската страна, на околу 50 метри од границата. Мислам дека овие војници обично не се стационирани таму. Само се качија да погледнат. Од оваа позиција можете да видите право во Газа – и целото уништување. Луѓето и тенковите вообичаено не остануваат долго горе затоа што се многу изложени, па знаев дека морам брзо да работам. Ја видов групата како оди до позицијата, а јас немав време ни да излезам од мојот автомобил. Само што го отворив прозорецот и направив неколку фотографии, тие направија селфи, а потоа се вратија надолу.
Како ја направив фотографијата
Иако на оваа фотографија изгледа како да сме во Газа, и војниците и јас бевме во Израел и гледавме преку граница. Јас користам фотоапарат од „Сони“ и објектив 100-400, што некако ја компресира перспективата. Ова е најдолгиот објектив што го имам. Бев оддалечен околу 300 метри од војниците, а зградите во Газа зад нив беа на околу 500 метри од другата страна на границата. Но, тоа ви покажува колку сме блиски. Ова место е на рид, а Газа е под нас, така што можете јасно да го фотографирате, иако сè уште сте во Израел.
Често фотографирам тенкови на оваа локација поради композицијата со зградите зад нив во Газа. Она што ми привлече внимание овој пат беше групата жени-војници затоа што не можете често да видите женски војници како се борат овде, иако слушате многу за тоа како има повеќе жени војници во борба. Она што ме импресионираше е тоа што ги видов како прават селфи. Младите деновиве, кога и да се случи нешто, мора да го фотографираат, да го документираат, да направат селфи.