Селекторот Ангеловски го објави списокот за мечевите со Словенија и Полска


Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски денеска го објави списокот за престојните квалификациски мечеви за ЕУРО 2020 против Словенија (10. октомври) во Скопје и Полска (13. октомври) во Варшава.

Ангеловски имаше доста маки при составувањето на списокот, но на крајот сепак не се одлучи да повика некое ново име, туку се потпира на веќе познати сили.

На списокот се најде и Енис Барди кој е неизвесен и за двата натпревари поради повреда, Стефан Ристовски поради истата причина беше неизвесен, но најверојатно ќе може да одговори на предизвикот, додека пак Егзон Бејтулаи ќе го пропушти натпреварот против Словенија во Скопје поради жолти картони, но ќе биде во комбинација за мечот против Полска.

Тоа е огромен хендикеп за Ангеловски и за нашата репрезентација со оглед на тоа дека одбраната е најпроблематичниот дел од нашиот тим, поради тоа што и Дарко Велковски ќе го пропушти овој собир поради повреда. Од претходниот список сега го нема и Кире Маркоски.

Нашата репрезентација во моментов е на петтото место на табелата во Групата Г со осум освоени бода, но се уште е во игра за второто место за кое ќе се бориме до самиот крај. Словенија, која е нашиот следен противник, е на второто место со 11 бода, а Полска е првопласирана со 13 бода.