Селектирањето отпад треба да е нераскинлив дел од активностите на градинките, училиштата и компаниите. Какви се западно европските искуства?


Многу македонски семејства живеат во западно европските градови. Организиран транспорт, чистота, системски правила се работи кои први ги забележуваат. Секундарно, а многу впечатливо е дека во овие градови речиси секој аспект од животот е поврзан со екологија, селектирање на отпадот и заштита на животната средина.

За селектирање и рециклирање се учи од најмала возраст. Уште во градинките се развива еколошката свест. Децата се вклучени во проекти за чистење на околината и учат за влијанието на нивните постапки и навики врз околината. Каде треба да се стави хартијата која веќе не ја користат и пластичната амбалажа во градинка.

Еколошката свест е многу развиена и мојот впечаток е дека одлуката на секој човек, кој производ ќе го купи и која услуга ќе ја користи во голема мерка зависи од нивното влијание врз околината. Исто, овде се достапни голем број информации, кои на секој купувач можат да му помогнат да донесе правилна одлука, на пример раалични апликации, реклами и податоци од амбалажата на производот, истакнува Ненад, кој десет години живее во Германија.

„Овде се селектира пластика, метал, стакло, хартија, картонска амбалажа, градинарски отпад (трева, гранки), голем отпад (мебел, детски играчки, но не градежен отпад), облека и секако обичниот комунален отпад. Во колективните згради постојат заеднички контејнери за посебни видови отпад. Граѓаните кои живеат во куќи добиваат канта за пластика и метал, поделена на два дела, а ако сакаат и иста таква за хартија и стакло, како и за отпадот од градината. Сите канти во кои се селектира различен вид отпад се празнат еднаш месечно со однапред познат распоред за целата година, кој во секое време може да се види на веб страницата на општината. Исто така секое семејство може да се регистрира и да добива бесплани смс нотификации кој отпад ќе се собира таа недела. Должност на граѓаните е отпадот кој е на ред да се подигне одвечер да го извадат пред куќите или зградите, соодветно спакуван и лесно достапен за работниците.
Домашниот комунален отпад се подигнува еднаш неделно.

Постојат и правила за пакување на селектираниот отпад. На пример, големиот отпад не треба да надминува некои дозволени димензии, мора да биде во проѕирни кеси за да се гледа што е. Градинарскиот отпад, ако е во поголема количина од она што собира во кантата, тогаш остатокот мора да биде пакуван во хартиени кеси кои исто така се рециклираат. Ако не се почитуваат овие правила, ризикуваме работниците да не го соберат. Сето ова семејството го плаќа преку комуналниот данок.

Меѓутоа, мене навистина ме радуваат новостите што стигнуваат од Македонија. Не многу одамна, пријатели од Скопје ми кажаа дека во супермаркетот пред нивната зграда Пакомак поставиле повратна вендинг машина за пластични шишиња и лименки. За секое шише или лименка добиваат поени преку апликацијата наречена Екомак инсталирана на нивниот мобилен телефон, кои потоа можат да ги користат за ваучери за попусти во маркети и во други продажни објекти, попусти при плаќање јавни услуги и комунални трошоци, донации и слично. Ова е супер иницијатива, бидејќи истовремено го адресира проблемот со одложувањето на отпадот, а од друга страна отвора простор за многу бенефити кај граѓаните.

Кај нас во Германија ваквите машини имаат малку поразличен механизам. На пример, за одреден тип амбалажа, како пластиката и лименките, означени со симбол за рециклирање, се добива паричен надомест ако се вратат во маркетите. Тоа е всушност „кауцијата“, која е платена однапред со купување на производот. Во сите супер маркети има автомати, вендинг машини во кои се уфрлува амбалажата и се добива потврда, која подоцна може да се уновчи на касата на маркетот или сумата да се одземе од следната сметка.

На јавните места, како автобуските станици, железничките станици, тротоарите и сл. исто така, има контејнери за пластика, хартија, стакло, метал и картон. Во трговските центри сите корпи за отпадоци се поделени за отпадот да се селектира. Можеби е прерано да се очекува во Македонија да се случи истото, но мислам дека конечно сме на добар пат. Поставувањето на современа отпадна инфраструктура е нешто што ќе не’ афирмира глобално и ќе не’ доближи до идеалот за убаво, чисто и здраво место на живеење.

Предизвиците се големи – и во Македонија, и во Германија, и секаде во светот… Но, ако расте свеста ќе порасне и нивото на грижа за околината. И тука, секој доселеник различно се навикнува на системот и секако тоа зависи од степенот на еколошка свест. Најлесно, секако, се навикнуваат на селектирање на амбалажата за која има паричен надомест. На многу луѓе тоа им е дополнителен извор на приходи, бидејќи собираат амбалажа по парковите, на јавни манифестации и други настани. Но, генерално лесно е да се навикнеш на еден веќе разработен систем, кој ти станува дел од начинот на живот. Јас и моето семејство, на пример, кога одиме на место каде што не се селектира и рециклира отпад, наместо сок во пластика, купуваме во картонска амбалажа. Кога ќе погледнеме колку пластика користи едно домаќинство месечно, не е тешко да се препознае користа од рециклирањето. Кај нас, дури и гостите кои ни доаѓаат на неколкудневни посети веднаш го прифаќаат овој начин на селектирање отпад“.