Селектирањето отпад слаба страна на тетовци


Нема зголемување на совеста кај тетовци кога е во прашање оставањето отпадоци во специјализираните канти и контејнери за пластика, стакло, хартија. Комуналниот отпад се фрла без да се одвои, иако низ градот постојат десетици такви канти и контејнери. Воедно таквите садови за оставање различни видови отпад најчесто од неразбирливи причини се и оштетени.

Една од таквите слики се најновите специјализирани контејнери за оставање стакло. Во нив има сè, а и самите се оштетени, исчкртани или демолирани.

Друштвото за управување со отпад од пакување „Пакомак“ во сите општини редовно донира канти и контејнери за одвоено оставање отпадоци, а во Тетово велат имаат неповолни резултати во обидот граѓаните да ги поттикнат со тоа да го селектираат сметот.

– Во 2019 година првпат дадовме за користење во Тетово 15 контејнери наречени „игло“ или „ѕвоно“ за оставање само стакло. Забележуваме дека половина од сметот е стакло, додека остатокот разни видови отпадоци што ги оставаат жителите. Бројките кажуваат и за совесноста за селектирање на стаклото. Од таквите контејнери во 2019 во Скопје се собрани 320 тони стакло, а во сите други градови 533 тони, од кои во Тетово само 9,4 тони стакло. За споредба, во Охрид и Битола имаа по 50 тони, Струмица 58 тони, вели Игор Макалоски, оперативен менаџер во „Пакомак“, потенцирајќи дека е планирано годинава во Тетово да се донираат уште 25 вакви контејнери за стакло.

Според него, за несовесноста се даваат изговори дека постојат други егзистенцијални тешкотии, иако сметот како проблем е секојдневно присустен во животот на граѓаните.

– Сум слушал на работилници и трибини дека македонскиот граѓанин е оптоварен со грижи и сè и сешто, па последно е ова. Не е изговор, затоа што не е наивно на листата на проблемите, фрлањето смет да се стави на стото место, па да ги решиме прво другите 99 проблеми. Апсолутно е акутен и секојденевен, реален проблем, Тетово се задушува во секојдневното ѓубре. Сметам дека е солидно опремен секој град, па и руралните места, со вакви специјални канти и контејнери, за да се биде општествено одговорен и совесен граѓанин. Секој изговор дека нема контејнер пред влез е став на малоумен човек, никаде во ЕУ нема контејнери и канти пред самите згради или куќи. Па во швајцарски Берн има три пункта за селектирање каде што луѓето одат со возило и ги оставаат, желни во намерата да селектираат отпад и позитивно да придонесат за зачувување на животната средина, рече менаџерот.

И институционалното потфрлање е причина за ваквите состојби, смета Макалоски.

– Кога мислам санкционирање, тоа не подразбира веднаш пишување казна. Треба прво записник, опомена и крајна инстанца казна. Но главно е дека се бара ангажман на терен. Трагедијата на локални самоуправи е тоа што има само еден таков вработен, кој во град каде што гравитираат над 100 илјади луѓе е невозможно да направи ред. Кој и да е, каков и да е, колку и да е способен, не бил можел, вели тој.

Во тетовското комунално претпријатие велат дека „водат борба“ со граѓаните за да го соберат сметот низ градот. Најголем проблем за нив се несовесните постапки на некои граѓани, како и ограничената механизација и средства за работа.

– Проблематично е фрлањето смет покрај контејнерите, а не внатре, како и оставање на цврстиот отпад, како мебел за домаќинства, санитарна опрема, градежни материјали, гранки од дрвја. Овој отпад, освен што ја загадува животната средина, предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад. Место да го оставаат во контејнерите, граѓаните треба таквиот отпад да го однесат кај новата претоварна станица на патот Тетово кон Фалише, вели директорот на тетовското комунално претпријатие Џелал Цека.

Јавното комунално претпријатие Тетово низ градските улици и тие села што ѝ припаѓаат на општината има поставено 520 контејнери, 12 големи контејнери од по пет тони, како и канти по домаќинствата.

– Сметот се собира во трета смена, но во реоните во главните улици се оди и двапати, односно и во текот на денот. Во зима камионите некаде не можат да пристигнат поради мраз и снег, а во лето сообраќајниот метеж е главното отежнување во работата. Еднаш неделно, за да се собере сметот, се оди во селата при општината. На Попова Шапка двапати, а во сезона – трипати неделно. Имаме седум реони, а 235 луѓе работат во одделот за комунална хигиена, објаснува директорот.

Словенија бележи најдобра и најуспешна практика во промената кога станува збор за управувањето со отпад, посочуваат од организациите што се занимаваат со областа. Mинатата година Љубљана стана првиот главен град со нула отпад. Пред 15 години биле во иста ситуација како сега полошкиот регион, кога сиот отпад се оставал на депонија, но тоа сега е целосно променето. Во 2002 година било стартувано со посебно собирање хартија, стакло и амбалажа, а четири години подоцна, градот почнува да собира биоразградлив отпад – од врата до врата. Во 2013 година, секое домаќинство, пак, добило канти за амбалажа и за хартија. Развојот на најмодерната фабрика за третман на биолошкиот отпад во Европа бил најголемиот чекор во остварувањето на целта – до 2025 година да се рециклираат најмалку 75 проценти од отпадот, се наведува во специјализираниот информативен сајт „Балкан грин енерџи“.

Регионалниот центар за управување отпад бил отворен во 2015 година. Таму се користи  гас за производство на сопствена топлина и електрична енергија. Центарот обработува 95 проценти од отпадот во материјали што може да се рециклираат и во цврсто гориво и праќа помалку од пет проценти отпад на депонијата. Отпадот го претвора во висококвалитетно ѓубриво за градини.

Според информација од нивните платформи на интернет, овој центар обработува 170 илјади тони отпад годишно, од кои 150 илјади се измешан комунален отпад и преку 20 илјади тони посебно собран биоотпад. Опслужува 700 илјади жители, или 43 општини во Словенија, што претставува една третина од државата.