СЕЛДИ: На Балканот владеат елити место правото, државите се заробени и клиентелистички


Мрежата за развој и интегритет на Југоисточна Европа, СЕЛДИ, расправа денес за состојбата со корупцијата во Западниот Балкан со главна поента од извештајот – дека залудни се сите потрошени пари на ЕУ за антикорупција во регионот, кога тие одат во рацете токму на тие – кои  ја предводат корупцијата.

Според оценката во извештајот, она што Брисел го опишува во извештаите како „недостиг на политичка волја“ на владите во Западниот Балкан да се справат со проблемот всушност е „значајна политичка волја да се кочат реформите  и да се имитираат (глумат) антикорупциски политики“. 

„Напредок во борбата против корупцијата во земјите од регионот (меѓу кои и Македонија) може да има само со признавање на фактот дека проблемот отиде многу подалеку од проста девијација на функционирањето на јавните администрации и се претвори во заробување на државите. Ова последното е механизам преку кој пишувањето, изгласувањето и примената на владините закони  и регулативи се искривени во корист на мала група заробувачи (на системот) на сметка на општеството и економијата во целина. Тоа се базира на неколку столба кои вклучуваат воспоставување клиентелистички релации помеѓу бизнисмените и политичарите,  мешање на политичарите во судските постапки, доделување јавни договори и тендери без конкуренција, закони направени според нечии потреби и слично“, се оценува во извештајот на СЕЛДИ за кој денес расправаат преставници на Европската комисија. 

Според оценката на оваа невладина мрежа, корумпираните елити на Балканот ќе изгубат се со влегување во отворената заедница базирана на правила (ЕУ), но и добиваат многу со пристапот до нејзините великодушни фондови, поради што СЕЛДИ смета дека борбата со „заробеноста на државите“ треба да стане примарна цел кога ќе се делат парите од Планот за раст за Западен Балкан и сите други пари што ги дава Унијата.

Од оваа оценка не само што не се издвојува Македонија туку напротив, и се потенцира дека новата влада  отворено го става под прашалник европскиот пат на државата и дипломатски повеќе се става на линија со Кина и со Русија, барајќи економски бенефиции од економските ривали на ЕУ за да во исто време го избегне условувањето за владеењето на правото што го бара Брисел.

Уште повеќе, нарушената геополитичка ситуација поради војната во Украина , според САЛДИ, има силно влијание на антикорупциската агенда на Македонија и на земјите во регионот. Според оценката, намалените притисоци од Брисел ја направиле ЕУ омилена мета на домашните клептократски елити,  кои сакаат да избегаат од остварувањето на домашните реформи  вртејќи се кон неусловено партнерство  со Кина и Русија. Како резултат на тоа прогресот во борбата со корупцијата е речиси непостоечки, па се оди и дотаму што антикорупциските механизми место за пресметка со корупцијата – се користат за пресметка со тие што ги спречуваат во корупцијата, а ЕУ -знаменцето за носење постапки по скратена постапка – за да се спречи транспарентен увид во тоа што усвојува и што работи владата.

Понатаму во извештајот стојат оценки дека вакви состојби се забележани и во Словачка, Бугарија и Унгарија, дека тие можат да бидат искористени од политички опортунисти за да се дестабилизираат земјите, па и за да се оправда воспоставување автократко заробување на институциите, така што ќе служат само за партиски и приватни интереси на одредени кругови. 

Она што е интересно за нас, е дека и во Брисел сега го знаат словенскиот збор „диктат“. Па, така се оценува дека мора да им се даде поддршка на реформистите во земјите, бидејќи во спротивно елитите што ги заробуваат институциите ќе го манипулираат јавното мислење  за да се ослободат од притисоците од надвор и да ги превенираат промените во борбата со корупцијата.

„Овие елити ги поврзаа нивните напори со руската и кинеската пропаганда која ја опишува помошта од Брисел за пресметка со корупцијата како диктат“, стои во извештајот на СЕЛДИ. Заклучокот е дека, иако во земјите во регионот се успеало да се дојде до репрезентативни влади, се уште не се успева да се дојде до одговорни и „чисти“ влади и затоа формалното барање на ЕУ за демократија е пропратено со неформално јакнење на клинетелизмот на политиката. 

„Корумпирана влада не може да биде веродостојно посветена на вредностите на либералната демократија, ниту дома ниту во странство. Секој компромис со стандардите на добро владеење во земјите кандидати носи ризици. Затворањето очи пред политичкиот клиентелизам кој ги јакне шансите на тој што го спроведува да остане на власта, во замена за приклонување на надворешната политика на ЕУ ризикува геополитичко протекување на друго место, во вид на перење пари, организиран криминал и миграција“, стои во извештајот на СЕЛДИ.

Затоа, се бара отсега да се прави проценка не само на домашните туку и на меѓународните коруптивни мрежи во балкабнските земји, а како последица од нив и да се издигне  надворешната политика на кандидатите за членство како услов на исто рамниште со владеењето на правото. А, владеењето на правото е на највисоко, со поента дека ЕУ мора да обезбеди во овие земји да владее правото, а не да владеат олигарсите.

Како потврда колку се заштитени функционерите во извештајот се наведува и податокот дека законите успеале да одвратат од криминал само 1 отсто од нив, што е многу помалку од процентот кај другите социјални групи. 

„Високите надежи околу специјалнизираните антикорупциски институции (како СЈО кај нас)  бледнеат особено поради сомневањата дека тие се користат од олигарсите и нивните кругови за прикривање  на коруптивните шеми и за гонење на опонентите“, стои во извештајот, со забележка дека штетата е дотолку поголема што овие тела имаат робусна моќ.

Сумирано кажано, САЛДИ смета дека регионот, вклучувајќи ја и Македонија, од деведесетите наваму направил значајни економски и демократски реформи, но има се повеќе докази дека моментумот кон подобро владеење  и економски просперитет се губи, т.е. опаѓа и постои ризик од назадување. 

„Реформите се соочуваат со сè поголеми спротивставени ветрови, главно во форма на јавни институции и политички партии кои се зацврстуваат околу мрежите за заробување на државите и кои го поткопуваат донесувањето одлуки“, оценува САЛДИ. Заклучувајќи дека зависноста на регионот од ЕУ е далеку поголема од тоа што може да понуди Русија, смета дека нејзиното влијание е диспропорционално помало  и дека главната причина за тоа е што бенефициите главно одат кај властите, што ги прави неефективни. Затоа се предлага помошта, место низ традиционалните канали да се насочи кон невладини организации, бизнис асоцијации, синдикати, медиуми, академии и други граѓански актери бидејќи е подобро нив да им се даде моќ да ја тресат владата, отколку да и се дадат пари на неа да ги јакне клиентелистичките кругови. 

Сите овие наоди на СЕЛДИ се илустрирани со статистички податоци поврзани со корупцијата.