Селаудин Арифи- трговец, градежник, акционер, донатор и сват на Ахмети


Кичевската мелничко пекарска индустрија „Жито Караорман“ го менува сопственикот – по берзанска трансакција преминува во рацете на досега малцинскиот акционер Селаудин Арифи, кој има амбиција целосно да ја преземе фирмата, пишува порталот „Пари“ во денешната анализа. Веројатно, двете ценовно чувствителни информации објавени преку Македонска берза би минале без поголема гласност, доколку оваа бизнис зделка нема политичко-партиска-роднинско-сватовска позадина. Па, ударниот податок во веста е – Селаудин Арифи е човек на Али Ахмет, тест на неговиот син Шкумбин.

Се почна од информацијата објавена на Берза: „Акционерот Сретен Миладиноски продаде 5.600 обични акции или 50,67 отсто, со право на глас издадени од МПИ Жито Караорман АД Кичево и во моментов на давањето на ова известување нема во сопственост обични акции издадени од МПИ Жито Караорман АД Кичево. Акционерот Селаудин Арифи се стекна со 5.600 обични акции или 50,67 отсто со право на глас издадени од МПИ Жито Караорман АД Кичево и во моментов на давањето на ова известување во сопственост има 8.199 обични акции, или 74,19 отсто од вкупниот број на издадени акции од друштвото МПИ Жито Караорман АД Кичево“.

А, веднаш по неа и оваа:

„Врз основа на член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва, Ви ја доставувам намерата за преземање на целното друштво Жито Караорман АД Кичево“.

Според податоците што се наоѓаат на Македонска берза, „Жито Караорман“ е една од водечките фирми во мелничко пекарската индустрија, која располага со најсовремени машини за производство на брашно, леб и бели печива. Одбор на директори е во состав – Слободан Јовески, Марјан Максимоски – независен член и Софронија Миладиноски – претседател. Фирмата со 50 вработени, лани ги постигнала следните резултати – вкупни приходи од 98.244.933 денари или 1,59 милиони евра, расходи 97.785.622 денари/1,58 милиони евра и добивка 396.902 денари, односно 6,5 илјади евра. Во петте изминати години, највисоката добивка од 7,7 илјади евра била остварена во 2018. „Жито Караорман“ има бонитетна оцена Ф.

Купувачот, пак, е сопственик на „АС Сењак“. Или со официјален назив – Друштво за трговија, производство и услуги АС СЕЊАК увоз-извоз Селаудин Арифи ДООЕЛ Кичево. Со дејност – неспецијализирана трговија на големо со храна, пијалаци и тутун. Има и Б лиценца за градење објекти, добиена од Министерството за транспорт и врски. Фирмата е со бонитетна оцена Д.

Оваа фирма во 2022 имала вкупни приходи од нешто над пет милиони евра, расходи од 4,5 милиони евра и добивка во износ од 472 илјади евра, која во однос на 2021 е повисока за 33,13 проценти. Според добивката, најуспешна и била кризната 2020 година со 486,5 илјади евра. „АС Сењак“ има 25 вработени.

Во 2021 година, меѓу девет понудувачи, „АС Сењак“ го добил тендерот за изведување градежни работи за изградба на улици во населените места с. Црешнево и с. Брест. Договорот е потпшан со Општина Македонски Брод, претставувана од тогашниот градоначалник Живко Силјаноски. Одлуката за избор на најповолна понуда е со датум од 16.07.2021. Договорот е потпишан на 29 јули, а рокот за изградба на улиците е ноември 2021.

Вредноста на договорот без ДДВ е 4.446.754 денари или 72,2 илјади евра, а со ДДВ 5.247.169 денари, односно 85,2 илјади евра.

Веројатно, улиците се направени, иако за крајот на градежните активности не може да се најде вест. Последната информација е од 15 септември 2021, кога градоначалникот извршил увид за случувањата на терен.

Арифи добивал и други тендери, особено од Општина Кичево. Каде што името на „АС Сењак“ е меѓу трите фирми кои постојано имаат најповолни понуди. За неговото име се врзуваат и други фирми, „Дукла“, „Агата“… Исто така, добивал тендери и од Општина Прилеп. До почетокот на месецов, односно се до продажбата на сите акции, беше и акционер во „Жито Полог“. Меѓу другото, тој е акционер и во скопска „Европа“ уште од 2013 година, кога купил 18 отсто од акциите во износ од 1,88 милиони евра.

Освен инвестициите во акции, Арифи и „АС Сењак“ се донатори на ДУИ.