Села: Зад настаните во село Синичане се крие бизнис заедницата на ДУИ


Фото: Б. Грданоски

Нема да дозволиме некој да се освети на градоначалникот на Боговиње и на граѓаните на Синичане, заради тоа што некој сакал да направи бизнис со хидроцентрала во истото место каде граѓаните сакаат да земат вода за пиење, рече денеска од Скопје претседателот на Алијанса за Албанците, Зиадин Села.

Според него на граѓаните во Северна Македонија им е јасно дека судството е политизирано, но новоста е дека државата сега станува полициска држава.

-Скандалозно е обвинителот да даде наредба на полицијата за да дозволи граѓаните во Боговиње  да работат и обезбедат вода за пиење, а тие и ден денеска по наредба на Агим Нухиу, министерот за внатрешните работи, уште седат таму, иако жителите на Синичане цела ноќ престојувале таму за да го бранат нивното право, доделено и од правосудството. Ова треба да биде аларм за сите граѓани, за сите институци кој што се уште веруваат во демократијата за да се спречат вакви тенденции и појави на полициска држава. Го повикувам меѓународниот фактор да направи се за почитување на законите во оваа држава. Нормално дека од страна на градоначалникот не им е дадена дозвола за вода за пиење, изјави Села.

Затоа зад цела оваа работа тој посочи дека се крие и бизнис заедницата на функционерите на ДУИ, кои наместо да работат, бидејќи имаат земено мандат за обезбедување минимални услови за живење во целиот полошки регион, тие се занимават со вакви работи.  Воедно тој истакна дека и Тетово веќе две недели во време на пандемија и горештини е без вода да пиење.

МВР пак соопшти дека постапува по оперативни сознанија и неколку конкретни пријави за опасност од сериозно нарушување на јавниот ред на локацијата за изградба на водовод за Синичане.

-Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека по добиени сознанија околу активностите за изградба на водоснабдителен систем за село Синичане, тетовско,  е излезено на лице место на терен, прибавени се податоци и информации и до Основното јавно обвинителство Тетово поднесено е известување за сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски .

– Потенцираме дека присуството на полициски службеници на местото каде што се почнати работни активности за изградбата на водоснабдителниот систем е во функција на  обезбедување на јавниот ред и мир. Наша задача е единствено да бидат преземени сите законски мерки, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир на таа локација, за да не дојде до несакани настани со посериозни последици по мирот и безбедноста на граѓаните, и тоа ќе го правиме се додека постои безбедносна проценка дека тоа може да се случи, рече Ангеловски.