Села тврди дека ДУИ се бори за опстанок


Преку иницијативата за премиер, ДУИ се бори за опстанок и се обидува да ги задржи гласачите што ги имаше, барем и загубата да не им биде толку голема.

Вака лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во интервју за МИА, ја коментира иницијативата на ДУИ за прв премиер Албанец во Северна Македонија, забележувајќи дека владејачката партија на Албанците на ланските претседателски избори не застанала зад кандидат Албанец, како што сега нуди кандидат за премиер од оваа етничка заедница.

„Ова јас го предвидував и го најавував за време на локалните и претседателските избори. Тогаш ние излеговме, поддржавме кандидат Албанец за претседател, а Али Ахмети тогаш се шегуваше со нашиот предлог, иако наша цел беше албанските гласачи да ги држиме во албанските политички партии. Али Ахмети и ДУИ се факултативни Албанци, сезонски Албанци. Кога се локални избори, не им пречи да одат со Љубе Бошковски или со кој било друг и да се повикуваат на граѓанство. На претседателските избори, бидејќи знаеја дека длабоко ќе губат ако излезат со свој кандидат, правеа кампања и од првиот круг го поддржаа кандидатот на СДСМ. Уште тогаш најавив дека кога ќе дојдат парламентарните избори тие веднаш ќе станат големи патриоти, што, всушност, не се, ниту големи Албанци, не се“,вели Села.

Тој вели дека овој концепт, веројатно, произлегол по анкетата на ИРИ, кој единствен ги погоди резултатите и во Хрватска, додека други агенции, како што вели, се плаќаат не за да го мерат мислењето туку за да создаваат мнение.Во анкетата на ИРИ/ИПСОС, што беше објавена на 5 јуни, Али Ахмети и Зијадин Села уживаат исто ниво на доверба од по два проценти.

„Тоа го натера Али Ахмети да излезе со овој предлог, ама не е првпат. Се сеќавате во 2014 година, кога Али Ахмети излезе со идејата за консензуален претседател. Тоа беше единствена можност Албанците да бојкотираат, а кога си на власт можеш да ги контролираш за да не излезат, за Иванов да победи уште еднаш. Две недели по првиот круг имаше и парламентарните избори. ДУИ тие две недели зборуваше и ветуваше дека, кога веќе немаме премиер и претседател што е консензуален, нема да попуштиме претседателот на Собранието да биде Албанец. Што се случи, веднаш по изборите, пак , се гушкаа со Груевски и со ВМРО-ДПМНЕ. Дури и се натпреваруваа со ДПА кој прв ќе го гласа Трајко Вељаноски за спикер. И на прашање на новинар зошто ги лажеше Албанците, Али Ахмети рече „јас сум разумен политичар“,изјави Села, во интервју за МИА.

За жал, како што вели лидерот на Алијансата, на Ахмети во намерите му помагаат и двете македонски политички партии.

„За нив посоодветен партнер е ДУИ – и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, бидејќи најверојатно низ години станале мали луѓе кои влегле во фиоките на службите. Тоа не е здраво и мислам, ако тоа е причината, македонските политичари грешат, бидејќи долгорочно тоа не создава стабилност, туку прави проблеми во државата. Нели ја слушнавте големата идеја дека ако ДУИ уценува, тие ќе направат влада само со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што е ризично. Целта е само за да му дадат поддршка на нивниот пријател, кој губи на терен секој ден од нас“,нагласува Села.