Села: СЈО треба да продолжи со работа, иако досега ја нема исполнето целта за која е формирано

Зијадин Села, лидерот на Алијанса за Албанците, смета дека СЈО треба да продолжи со работа како што е формирано и за целите за кои е формирано, па затоа предлага да се интервенира во Законот за СЈО за да престанат да важат роковите за покренување истраги до 2017 година, ниту останатите рокови, туку да функционира како тело внатре во правниот систем на државата.

-Спремни сме да дадеме поддршка за ваков предлог. Нормално во истиот закон треба да се интервенира во поглед на тоа дека предмети за кои СЈО оценува дека не се во нивна надлежност не треба да останат по фиоките, туку истите да ги процесуираат до Јавното обвинителство за секој вид криминал и корупција да биде доследно до крај проследен и да има казни за истите, вели Села.

Според партијата, СЈО досега ја нема исполнето целта за која е формирано, а тоа го покажува фактот дека досега од покренатите постапки од СЈО од судовите има казни само за претставници на албанската опозиција.

Од АА предлагаат и формирање специјално судство, по примерот на Украина, што ќе се занимава исклучиво со предметите од СЈО.

На законскиот предлог на Владата имаат забелешка во насока, како што рече, на оневозможување на политизирање и партизирање на судството, а тоа е со закон да се санкционира секој бивш или сегашен функционер на владата да нема право да биде член на Советот на обвинители и на Советот за судии.

За прислушуваните материјали смета дека треба да са користат како материјални докази и во иднина, но и со закон да се санкционира тие да бидат објавени за да бидат достапни на граѓаните.

-Тие кои што се заинтересирани да не профункционира правната држава се чинителите на бившиот режим, рече Села на новинарско прашање кој го кочи донесувањето на Законот за обвинителство.