Села: Не е првпат Ахмети со трикови да освојува гласови


Ова не е првпат Али Ахмети да се обиде да привлече албански гласови на таков начин, оцени во интервјуто на ТВ Телма, лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, за потегот на лидерот на ДУИ за кандидирањето на Насер Зибери за прв премиер Албанец.

„Во 2014 година Тоа беше трик со ВМРО-ДПМНЕ за да Албанците останат дома и тоа беше единствената можност за Ѓорге Иванов пак биде избран за претседател во вториот круг. Вториот круг на претседателските избори се совпаѓаше со парламентарните избори, тогаш Ахмети ветуваше дека на една од трите главни позиции во државата треба да биде Албанец. Им ветуваше на Албанците дека ќе го условува формирањето на владата со претседател на Собранието Албанец. Веднаш по тие избори се натпреваруваа со ДПА кој прв ќе го гласа Трајко Вељаноски“, рече Села.

Коалицијата на Алијанса за Албанците, Алтернатива и БЕСА на минатите избори имаше шанса да ги симне ДУИ по 18 години власт, но не успеа. Овојпат ќе се обидат повторно, но сега во коалицијата ја нема БЕСА. Села вели дека БЕСА се тие кои решиле да ја напуштат коалицијата.

„Имаа понуда од моја страна за која требаше да одговорат. Понудата не беше направена без претходно да се анализира состојбата во секоја изборна единица, без претходно да имаме јасен увид на ситуацијата по градови итн. Имаа добра понуда од нас како Алијанса за да одиме во коалиција заедно со Алтернатива. но тие не најдоа за сходно ниту да дадат одговор на нашата понуда“, рече Села.

Не се сомневам дека Заев преку БЕСА се обидува да го задржи тоа гласачко тело кое го имаше во 2016 година, тврди Села.

„Тој чувствува дека тоа гласачко тело им бега и му требаше албанска политичка партија, без разлика колку има подршка, за дел од Албанците да имаат изговор дека не гласаат за СДСМ туку гласаат за БЕСА. Но, тоа е исто, се гласа за коалицијата ‘Можеме’, ништо повеќе“, рече Села.

И покрај тоа Села оценува дека СДСМ и БЕСА не се големи конкуренти на нивната коалиција. Тврди дека албанската опозиција е соединета токму преку нивната коалиција и верува дека после 18 години ќе успеат да ја вратат демократијата во албанското општество во Македонија.