Села ќе го спасува ДУИ од заробеништво

Коалицијата „Сега е време“ меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата, одржа митинг во село Форино во Гостивар. Носителот на шестата изборна единица, исто така претседател на Алијанса за Албанците, Зиадин Села објаснувајќи делови на изборната програма, се фокусираше на ограничување на коцкањето и нагласи дека во првите сто дена по доаѓањето на власт ќе донесат закон со што казина ќе има во хотели со пет ѕвезди.

Села вети дека ако оваа коалиција победи на изборите, ниту еден Албанец нема да биде загрозен заради неговата партиска припадност. Истакна дека идејата на ДУИ за албански премиер е обид за камуфлажа на дискриминација и угнетување на Албанците.

– Не можам да разберам, како сега тие можат да побараат Албанец да биде премиер?Тие се на власт 18 години и ја добија поддршката и гласовите на Албанците. Како досега не ја остварија оваа идеја и што навистина бараат сега, рече Села.

Додаде дека доаѓа времето на промена, со што, рече, по 15 јули Али Ахмети ќе биде слободен, затоа што досега некогаш беше заробен од страна на ВМРО, а некогаш и од СДСМ.

Барајќи поддршка на овие избори, Села истакна дека Албанците треба да гласаат за албанските кандидати, а не за списоците што се дел од, како што рече, каков било договор за коалиција што и служи на другата страна.

Шефот на изборниот штаб и генералниот секретар на партијата Арбен Таравари на митингот изрази оптимизам за победа.

– Промената што ја започна Гостивар ќе продолжи со Липково и Струга. Претседателе, ви ветувам дека во Гостивар победата над ДУИ ќе биде два спрема еден, рече Таравари.

На присутните им се обратија и кандидатите за пратеници Газменд Абдија, Елхоме Мемеди, Афан Елези и Халил Снопче. Презентирајќи делови од програмата, тие меѓу другото ветија дека ќе бидат вистинскиот глас на Албанците во Парламентот, создавајќи над 25.000 слободни работни места.