Села би коалицирал и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

-Jас не сум против идејата премиер да биде Албанец или од некоја друга етничка заедница, но јас сум многу против премиери да бидат и политичари Македонци, на пример. Премиер треба да биде премиер, кој ќе биде премиер без етничка ознака и нема да ги гледа со различни очи и Албанците и Македонците и Турците итн. А во оваа ситуација ваквите идеи се идеи кои доаѓаат како резултат на стравот дека одат во опозиција. Ако албанските политички партии имаат некој предлог кој се однесува и до другите албански политички партии, ние имаме изградено еден механизам, еден политички инструмент кој се вика „масата на албанските политички партии кои се претставени во парламентот“. Ако господинот Ахмети имаше некој предлог требаше тука да го каже и да го образложи. Јас инсистирам откако е излезен овој предлог да излезе на дебата и дај да дебатираме околу овој предлог. Таа идеја е само за политички цели, за ништо друго и мислам дека Албанците и не веруваат во такви лаги,  вели Села.

Околу прашањето зошто овој етнички предзнак се засилува пред избори Села вели дека прстот треба да се впери во други политички партии, бидејќи тој цело време зборува со овој јазик.

-Некој тврди – Едно општество за сите, тоа е лага. Бидејќи од една страна едно општество за сите, а од друга страна ни градат граници кај смееме, кај не смееме да имаме школи на албански јазик. Зошто нема школа на албански јазик во Идризово? Зошто илјади Албанци во Чашка и другите делови – Велес, Прилеп итн., од шестгодишна возраст се принудени да учат на македонски јазик, бидејќи некој не им дозволува да отворат паралелки на албански јазик. Зошто тука во Сарај и ден-денеска не е изграден мостот за да им се скрати патот, секој ден по 15 километри, на тие Албанци кои живеат таму. Секој ден да имаат 15 километри помалку трошоци за да стигнат до Скопје. Ветено од страна на СДСМ и гласано на минатите избори во 2016. А знаете ли зошто не е изграден тој мост? Затоа што висок функционер од СДСМ после избори им рекол дека не можеме тоа да ги изградиме, бидејќи Македонците кои живеат од другата страна на Вардар не сакаат да им поминуваат Албанците пред куќи. Сè додека ние сериозно не почнеме да се занимаваме со правна држава, сè додека дозволуваме во нашето општество граѓани без разлика на етничко потекло да му спречи на друг граѓанин, на неговото дете, да оди на школо и да учи на јазик кој е гарантиран со Устави и со меѓународната декларација за човекови права и сè додека такви граѓани не завршуваат во затвор ние ќе продолжиме да имаме проблем, вели Села.

Околу тоа со кого се гледа во постизборна коалиција Села остави простор да соработува и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ.

-Јас сум сериозен и свесен за ситуацијата во која се наоѓаме. Јас ви велам дека ние ќе победиме на овие избори. Денот кога нашите гласачи, граѓаните ќе ја легитимираат нашата програма и платформа, од тој момент јас не сум Зијадин Села, туку сум програмата и платформата која тие граѓани ја имаат гласано и ѝ имаат дадено легитимитет. И како резултат на тоа ние ќе коалицираме со таа политичка партија која ќе ја прифати таа програма, а во таа програма стои исто така дека реверзибилни процеси нема да постојат и нема враќање назад од нашиот пат. Веќе сме членка во НАТО, на пат кон ЕУ, договорите со соседите треба да се почитуваат итн, итн, изјави Села.