Села и Гаши чекаат ДУИ да испорача тоа што ветила


Фото: Б. Грданоски

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива тврди дека немале ниту една официјална или друга средба за учество во новата влада и нема да преговараат пред легалниот, но, како што велат, нелегитимен победник во албанскиот камп, односно ДУИ,  да го исцрпи правото за да биде дел од идната влада.

„Јавноста треба да знае дека заврши времето кога Албанците се туркаа пред вратата на владата, кој прв ќе влезе во неа, кој повеќе ќе попушти во пазарот. Иако не сме легитимни победници на изборите на 15 јули во албанскиот политички камп, ние нема да влеземе во преговори, сѐ додека ДУИ не го исполни предизборното ветување за премиер да биде Насер Зибери. Дури, како што сме кажале, ако во Собранието дојде предлог Насер Зибери да биде премиер, ние со нашите 12 пратеници ќе гласаме за него. Но, ако ДУИ не успее да го реализира ова ветување, за што има легалитет, таа партија нема право да биде дел од идната влада и нејзиното место е во опозиција“, велат од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

 

На денешната прес-конференција уште појаснија дека не учествувале на тркалезната маса што ја организираше претседателот на ДУИ, Али Ахмети, бидејќи побарале пролонгирање на датумот, а наместо тоа го добиле дневниот ред.

„Од таква наметната позиција, нас ни се одзеде можноста да учествуваме на таа средба, и подтекстот на оваа покана бил ние да не учествуваме и средбата да не се одржи. Како и да е, без оглед на ова ние посакуваме Тркалезната маса на парламентарните албански партии да продолжи, како инструмент за координација на албанските ставови во Република Северна Македонија, и во иднина да се надминат овие пречки“, беше речено на прес конференцијата.

На крајот од Коалицијата упатија уште една порака до ДУИ: „Или Насер Зибери премиер, или одете во опозиција“.