Села би коалицирал со Мицкоски ако се извини или огради за 27 април


Не е првпат партиите на Христијан Мицкоски и на Зијадин Села да коалицираат на локално ниво, но последната нивна соработка, која резултираше со превласт во Гостивар во однос на СДСМ и ДУИ, ги поттикна гласиштата за можно заедничко формирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијансата за Албанците доколку добијат победнички број гласови на идните парламентарни избори. Двете опозициски партии засега не сакаат да се излетуваат со изјави, па срамежливо ја подотвораат вратата за евентуална коалиција. Сепак, напоменуваат оти клучот ќе лежи во идното препознавање на заеднички точки во програмата, а ќе мора да се залечат и раните од минатите времиња, особено од упадот во парламентот на 27 април што резултираше со обид за убиство на Села.
„Многу нормално е опозициските партии да соработуваат, пред сè на локално ниво, оти во нивен интерес е да се сруши власта“, смирено одговараат од Алијансата на нашето прашање за коментар околу гостиварската коалиција.
„На централно ниво не сме разговарале со колегите од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не значи дека нема да преговараме во иднина, особено доколку тие се победници во македонскиот блок, а ние во албанскиот. Но и најважно, доколку се согласуваме со програмите. Легитимитетот го даваат граѓаните преку нивните гласови“, нагласува висок извор од Алијансата.
Тој посочува дека нивна главна цел е да се порази ДУИ, а дека со другото око ќе следат што се случува во македонскиот политички кампус.
„Битно е да се согласуваме со евентуалниот партнер околу готовноста за имплементирање на програмата, определбите за правна држава, евроинтеграциите, рамноправноста меѓу граѓаните, почитување на Законот за јазици, па и за Преспанскиот договор. Немаме ништо против соработка со ВМРО-ДПМНЕ, но, сепак, очекуваме од новото раководство да се извини за настаните од 27 април или да се огради од упадот во Собранието“, потенцира нашиот соговорник од партијата на Села.
Од ВМРО-ДПМНЕ до денес тврдат дека тие што упаднаа во Собранието биле патриоти, кои биле испровоцирани од изборот на Талат Џафери за претседател, а крвавиот напад на пратениците како несакан инцидент кој го осудуваат.
Оттаму нагласуваат оти и натаму остануваат отворени за соработка со која било од албанските политички партии, нагласувајќи оти имаат редовен контакт со нив. Претседателот Мицкоски најави дека доколку резултатите од изборите остават простор за смена на власта, предност во коалицирањето ќе се даде на принципот „програма со програма“ наместо „победник со победник“ што беше воспоставен во 2008 година на инсистирање на ДУИ, а која беше игнориран по последните парламентарни избори во 2016 година.
„Или имаме заедничка програма и таа програма ќе ја реализираме или ќе немаме практично никаков бенефит за нашите гласачи ако победникот со победникот не можат да се договорат за програмските начела. Тогаш нема да може да се реализираат ветувањата“, изјави Мицкоски.


Тој рече дека, независно како се вика партијата – Алијанса за Албанците, ДУИ, Беса, ДПА… низ преговори треба да се формира програмата на коалицијата, а ако нема договор да се бара друг партнер. Мицкоски, сепак, изрази убеденост дека ВМРО-ДПМНЕ на следните, како што рече, предвремени парламентарни избори, ќе има победа со најмалку 61 пратеник.
Кога е во прашање случајот за насилствата во Собранието, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека осудените добија исклучително високи затворски казни само врз основа на исказ на еден од обвинетите, кој трипати бил менуван.
Алијансата и ВМРО-ДПМНЕ соработуваа и во Советот на Дебар каде што пролетоска во еден момент дури и успеаја да дојдат до претседателското столче. Но нивната „љубов“ заврши неславно кратко време потоа на локалните избори во Дебар, односно на претседателските. Сопартијците на Села се жалеа дека нивниот кандидат не добил поддршка од ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи оти на одредени места каде што победи Гордана Силјановска-Давкова, победи и кандидатот на ДУИ. Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ негодуваа што гласовите на Блерим Река од првиот круг на претседателските избори, не само што не завршија кај Силјановска-Давкова, туку се прелеале кај Стево Пендаровски.
Во меѓувреме, Мицкоски имаше средба со Билал Касами, лидерот на Беса. Првите резултати од таа средба беа регистрирани во собраниската Комисија за избори и именувања, каде што ВМРО-ДПМНЕ обезбеди превласт над собраниското мнозинство со глас на пратеник од Беса. Сè уште е неизвесно дали Беса и Алијансата ќе коалицираат на претстојните избори, исто како што соработуваа за време на претседателското соочување кога заеднички го поддржаа Река.

Горан Адамовски