Марихуаната нема да биде привилегија само на богатите да инвестираат или слично, целта е да се овозможи секој граѓанин да одгледува од две до три стебла, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи денеска на пратеничко прашање.

Заев на денешната седница во Собранието истакна дека со легализацијата и декриминализација на канабисот се отвора можност, секој граѓанин, за своја лична употреба да може да огледува одредена количина на марихуана.

– Нашиот став во однос на ова прашање е јасен. Ова нема да биде привилегија само на богатите да инвестираат или слично, целта е да се овозможи на секој граѓанин на пример од две до три стебла под контрола на агенцијата која што е предвидена во законот. Се предвидува за сопствена потреба да може да ги користи или пак може да ги делегира на компанија да ги одгледува за него како што и сега се бележи секое стебленце со посебен број со посебна контрола или слично, рече Заев.

Тој посочи дека со легализација на канабисот истовремено се отвораат нови економски потенцијали и развој на одредени стопански гранки.

– Легализацијата на марихуаната во државата има конечна цел за развој на угостителството и туризмот на сите наши услужни дејности кои што дефинитивно многу малку партиципираат во севкупниот БДП на државата односно околу 4 отсто, рече Заев.