Секој тринаесетти жител на Велика Британија е заразен со коронавирус


Распространетоста на корона вирусот меѓу Британците е на највисоко ниво од почетокот на пандемијата во 2020 година, покажаа во петокот податоците од Британскиот Национален завод за статистика (ONS).

Во последната недела од март, се верува дека едно од 13 луѓе имало коронавирус, што е четврто последователно зголемување, откако една недела тој сооднос беше еден спрема 16. ОНС проценува дека 4,1 милиони луѓе во Англија имале КОВИД-19.

Податоците пристигнаа истиот ден кога беше укинато бесплатното тестирање на КОВИД-19 за граѓаните. Комплетот за самотестирање сега генерално чини околу две фунти, додека лабораторискиот ПЦР тест чини помеѓу 40 и 90 фунти.
Водачот на опозициските лабуристи Кир Стармер предупреди дека укинувањето на бесплатното тестирање може да значи дека помалку луѓе ќе бидат тестирани кога ќе имаат симптоми.
Владата соопшти дека здравствените работници, работниците од социјалната помош и најранливите ќе можат бесплатно да се тестираат.