Секој триесети Словенец бил заразен со новиот корона вирус


Првичните резултатите на словенечкото национално истражување за раширеноста на новиот корона вирус, покажуваат дека секој триесети граѓанин бил заразен со вирусот.

Според портпаролот на Владата Јелко Кацин од направени 1.386 тестирања на граѓани по случаен избор, 41 биле позитивни односно кај нив биле пронајдени антитела на вирусот, а речиси сите биле без никакви симптоми.

– Овие резултати покажуваат дека многу е мал бројот на лица кои имаат создадено имунитет на коронавирусот. Тоа значи и дека не е се поминато и дека треба вистински да се подготвиме на вториот бран на заразата, изјави Кацин.

Сите детали од истражувањето ќе бидат објавени на специјална прес-конференција, а надлежните информираат дека државата продолжува со интензивна набавка на заштитна и медицинска опрема.