Секој трет работник во Македонија живее со плата под прагот на сиромаштија, предупредува СДСМ
Последните статистики на синдикатот покажуваат дека секој трет работник во Македонија живее со плата под прагот на сиромаштија. Од вкупно 540.000 вработени, околу 180.000 работници земаат плати помали од 31.200 денари месечно. Значи 33% од работниците во Македонија земаат плата под прагот на сиромаштијата, се вели во соопштението на СДСМ од денешната прес-конференција на Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Таа посочи дека овие луѓе одат на работа, работат, вложуваат труд и немаат доволно за достоинствен живот – буквално живеат во сиромаштија.
„Потрошувачката кошничка е над 70 илјади денари а со стан оди и над 90 илјади денари. Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци“, рече таа, додавајќи дека работниците во Македонија едвај врзуваат крај со крај, со најниски плати во Европа.
Според Цветаноски, ако минималната плата беше 600 евра, како што предложи СДСМ, работниците немаше да бидат оставени да живеат со приходи под овој праг на сиромаштија.
„Работникот гледа и чувствува дека трудот не му е вреднуван. Живее сè потешко, со празен фрижидер и празен паричник – во сиромаштија“, рече Цветаноски.