Секој што има 150.000 евра може да конкурира на тендерот за фотоволтаични електрани

До август годинава ќе трае тендерот за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште кај Свети Николе и кај Македонски Брод.

Денеска ќе биде објавен јавниот оглас за доделување премии за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште за вкупно 35 мегавати, односно 25 мегавато на земјиште кај Свети Николе и 10 на територија на Македонски Брод.

„Презентацијата е со цел да ги информираме стопаснтвениците кои имаат интерес да инвестираат во обновливи извори на енергија, а тендерот ќе трае до средината на август, за да се избегнат годишните одмори“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Отворањето на понудите ќе биде јавно во Клуб на пратеници, заради поголема транспарентност, најави вицепремиерот.

„Нема комплицирани услови за учество на тендерот. Треба да се испочитува Законот на јавни набавки, бонитет на фирмата, да има позитивни биланси, да не се осудувани. Единствен услов е минималниот премиум, односно најмала поддршка што ќе ја бараат од државата. Парцелите се од 10 мегавати, 2 мегавти еден мегават. Државата ќе ги заврши сите административни работи за да не губат време фирмите и ќе го пренамени земјиштето во градежно. Фирмите ќе треба да направат основен проект и еколошки елаборат. Цената на приклучокот, разговаравме со ЕВН да биде 20 до 30 илјади евра, за да не преговараат секој поединечно од инвеститорите“, вели Анѓушев.

За неколку недели, најави Анѓушев, ќе оди тендерот за приватно земјиште, од каде се очекува производство на 27 мегавати, односно повеќе од трипати од сѐ што е инсталирано до сега.

За тоа колку средства ќе се одвојат од буџетот нема да надминува повеќе од 4 милиони евра годишно, направи вицепремиерот естимација, но очекува помали премиуми да се побараат.

За забелешките дека малите компании нема да можат да учествуваат во овие инвестиции, Анѓушев вели дека напротви тие се сосема конкурентни. „За тие што сакаат да учествуваат на еден или два мегавати, таму нема да учествуваат оние кои сакаат да инвестираат за 5 или 10 мегавати“, вели Анѓушев.

Пресмета дека за 1 мегават потребна е инвестиција од 650.000 евра, односно со сопствено учество од 20 или 30 отсто, другото ќе го земат од банките, а секој што може да издвои 150.000 евра може да учествува на овој тендер, смета Анѓушев.