Секој против секого околу скандалот на Онкологија – некрофилија, линч или барање правда?
Партиите се препукуваат за тоа кој бил виновен, а кој се бори против криминалот. Докторката Маја Иванова од Онкологија замолува јавноста да не ги става сите медицински лица во ист кош
04/09/2023 09:46
Фото: Б. Грданоски
СДСМ ги отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека актуелната влада е одговорна за криминалот на Онкологија, нарекувајќи ја оваа партија „некрофилна“ бидејќи се обидува да злоупотребува мака на болните.
„Некрофилната ДПМНЕ наместо да ја поздрави акцијата на надлежните институции, МВР и ЈО, за расчистување на криминалот на Клиниката за онкологија, срамно се обидува да злоупотребува мака на болни. Тоа најмногу покажува на кое ниско ниво, на кое дереџе падна очајниот Христијан Мицкоски.
После 20 години за прв пат се расчистува ваков случај, токму од надлежни институции и Влада предводена од СДСМ. Одговорноста за криминалот на Клиниката за онкологија има име и презиме и врз основа на докази и законска институционална постапка ќе се санкционира секој што е инволвиран, години наназад. Без злоупотреби и без етикетирања на сите доктори и медицински сестри сите вмешани ќе бидат изнесени пред лицето на правдата. СДСМ нема да дозволи кој било да се богати на сметка на здравјето на луѓето, ниту пак политички да се злоупотребува случајот од криминални партии како ДПМНЕ“, реагираа од СДСМ на атмосферата на инквизиција што се создава во земјата пред да се утврдат фактите од истрагата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија со оценката дека премиерот лаже и манипулира за скандалот.
Колку треба да е безочен Ковачевски, за вака да лаже и да манипулира за скандалот со крадењето и трговијата со цитостатици на Клиниката за онкологија. Овој криминал не е ‘мултикултурен’ како што вели Ковачевски, туку е директно поврзан со кадрите кои го раководат здравството и соодветната институција, кадри кои се негов избор или производ на неговиот коалициски пазар“, соопштија денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека „Ковачевски свесно лаже и дека допрва ќе воведуваат систем за следење на лековите и терапијата, а не кажува дека ист таков систем бил воведен во клиниката за Онкологија во 2016-та и истиот бил укинат и фрлен во подрум веднаш штом СДСМ ја добива власта и поставува свој кадар во клиниката.
„Сега е веќе јасно зошто бил исклучен системот за следење на терапијата, за терапијата да ја снемува, пациентите да се соочуваат со недостог или да примаат само физиолошки раствор, а ампулите кои чинат по илјадници евра да завршуваат на црниот пазар“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот претседател на Либералната партија, Ивон Величковски, скандалот го поврза со повеќе владејачки гарнитури со клучна дилема – кому му одговара сега да е политички побитен од брза и квалитетна истрага и судска пресуда?
„Кој со тоа ги штити тогашното раководство на Клиниката, но и тогашниот министер за здравство? Ако Владата ја премолчеше Онкологија, тоа би било скандал. Ако премиерот се вмешаше во водењето на истрагата, тоа би било злоупотреба на функцијата. Ако министерот за здравство попречечеше истрага, тоа би било соучесништво во злосторот. Бидејќи ситуацијата е спротивна, интересно е да се види зошто истрага што очигледно веќе траела подолго – а детали од неа читавме во медиумите и пред официјално да дознаеме дека ‘е во тек’ – требаше да остане споредна вест поклопена со ред ‘странични афери’, ред ‘барања за предвремени избори’?
Било потребно време или се утврдувала цена за пазар? Очигледно понудата не важи.
Интересно е, имено, што и по објавувањето на сториите остана обидот да се замагли времето на отпочнување на шемата со (шверц со) цитостатици. Па сомнежот се насочуваше де кон сегашниот, де кон претходниот министер за здравство. Едниот од Алијансата, другиот од Алтернатива. Но, никако кон министерот за здравство Филипче од СДСМ кој ни по 14-те жртви во тетовската модуларна болница не поднесе оставка. И беше ‘покриен’ од Заев со кого потоа беше ‘изненадно’ реконструиран.
Дури и откако се констатира дека тогашното раководство на Клиниката за онкологија во 2017 го отстранило системот за контрола и чување на цитостатиците, остана тенденцијата на ‘јавноста’ ова да се занемари. Но веќе не може. Интересно, никој не ни помисли да го праша за став тогашниот директор на Фондот за здравство, Дончев, именуван од Владата на Заев, кој по аферата ‘Диамед’ – си замина. А потребно оти во покривање на трошоците за овие скапи, а неопходни лекови учествува ФЗО. Каде никого не интересирало (да контролира) колку/за кого тие се користеле.
За цитостатиците прашањето е и дали се увезуваат преку веледрогерии или преку ‘фамозниот’ паралелен увоз воведен со законски измени во мандатот на Тодоров. Кому, види чудо, советник му беше Филипче. Интересно? Не, повеќе провидно: аферата што требаше да остане временски ограничена на кабинетот на Ковачевски очигледно се враќа во мандатот на Заев. А можеби и малку порано…?“, оценува Величковски.
Доктор Маја Иванова од Онкологија констатира дека „машинерија што може да те издигне или да те спушти е новинарството кое, за жал, неретко изнесува непроверени и неточни информации“.
Таа го осуди секој обид за кражба на скапи лекови, секое нестручно и несовесно однесување со пациентите, но изрази згрозеност од реакциите во јавноста, нагласувајќи притоа дека наводите сѐ уште не се проверени во целост.
„Како вработен доктор на Клиниката за онкологија и радиотерапија, најостро го осудувам секој обид за кражба на скапи лекови, секое нестручно и несовесно однесување со пациентите во ова установа. Но исто така, згрозена сум и од реакциите на пошироката јавност во однос на коментирање на актуелната ситуација на УКРО, која сѐ уште не е проверена во целост“, напиша д-р Иванова.
Таа упати молба до сите новинарски редакции да престанат со генерализирање на медицинскиот персонал на УКРО, бидејќи поголем дел од тој персонал стручно и посветено ја извршуваат својата дејност во установата. Воедно, д-р Иванова упати молба и до јавноста и побара воздржување од несоодветни коментари полни со омраза и фрустрации насочени кон медицинскиот персонал.
„Довербата пациент-доктор е клучна за добар исход во процесот на лекување, а со општото ставање на сите лекари ‘во ист кош’ таа се нарушува на обострана сметка. Затоа, прво бидете сигурни, па коментирајте“, пишува д-р Иванова во своето обраќање.
Инаку, информации за скандалот протекоа од екс-министерот за здравство Беким Сали, кој изјави дека уште за време на неговиот мандат било забележано зголемување на долгот кон добавувачите на лекови на Клиниката за онкологија, па откако не добил одговор како и на кои пациенти им се препишува биолошката терапија, побарал ревизија на финансиското работење на клиниката.
„Имавме забелешката во делот на менаџирањето со биолошката терапија од периодот кога беше внесена како иновативна терапија за онколошките пациенти. Клиниката почна да го зголемува долгот кон добавувачите на лекот и во неколку наврати побаравме да се изнајде решение и за тоа како и на кои пациенти им се препишува тој вид терапија. Знаејќи дека овој вид терапија се дава во 5 клиники, најголемите финансиски проблеми ги имавме на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Бидејќи не добивме никакво решение од медицинскиот директорот, побаравме да се изврши ревизија на работењето во делот на финансиското работење од страна на Фондот и за истиот период беше побарано оставка од медицинскиот директор“, рече Сали за Телевизија 24.