Секој кој нема право да остане во Германија ќе биде протеран по кратка постапка


Германската влада има намера да ја интензивира депортацијата на луѓето кои немаат право да останат во Германија, беше соопштено во средата по состанокот на владата во Берлин.
„Ќе се погрижиме луѓето кои немаат право да останат во Германија побрзо да ја напуштат нашата земја“, изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.
 
Таа рече дека протерувањето на оние кои немаат право на престој во Германија е неопходно за да можат да ги исполнат обврските кон оние на кои навистина им е потребна хуманитарна помош и заштита.
 
„Заострувањето на законот е неопходно за да можат да продолжат да ја исполнуваат својата одговорност кон луѓето кои бараат заштита од терор и војни, како што е случајот, на пример, со над 1,1 милион бегалци од Украина“, додаде социјалдемократскиот министер.
 
Целта на предлог-законот, кој допрва треба да помине во собраниска процедура, е да се намалат моменталните отежнувачки околности кои стојат на патот за поефикасен процес на протерување од Германија. Така, притворот што му претходи на протерувањето би можел да трае 28 дена наместо досегашните 10. Освен тоа, полицијата ќе може да бара лица на списокот за депортација во домови за сместување бегалци и да влегува во просториите на другите жители кои сместуваат разни луѓе. Исто така, повеќе нема да има најава за протерување, поради што во минатото многу луѓе се засолнуваа на непозната адреса пред депортацијата, а можно е да се прегледаат мобилните телефони и компјутерите за да се потврди државјанството на лицето кое треба да биде депортирано.
 
 Депортациите честопати не успеваат затоа што луѓето на кои не им бил даден статус на бегалец или на кои им бил одбиен азил ги уништуваат своите лични документи и одбиваат да дадат изјава за потекло, па властите не можат да одредат во која земја треба да бидат депортирани.
 
Ќе бидат отстранети и правните пречки за да се овозможи побрза депортација на луѓето кои го прекршиле законот или лицата кои се сметаат за опасни поради нивното екстремистичко потекло.
 
„Отстранете ја мамката на социјалните бенефиции“
Во Германија во првите шест месеци од годинава се депортирани 7.861 лице, главно државјани на Северна Македонија и Грузија. Во исто време, 280.000 луѓе живеат во Германија без право на престој. Но, огромното мнозинство од нив не можат да бидат депортирани поради различни причини, од кои најчести се немањето патни исправи или поради болест.
 
Владата најави и зголемен контакт со земјите од кои најчесто доаѓаат луѓето кои немаат шанси да добијат азил во Германија, како што се земјите од Магреб или Индија и Пакистан, како и Грузија и Молдавија. Опозицијата бара овие земји да се прогласат за т.н безбедни земји, што би овозможило побрза процедура за одбивање азил.
 
Демохристијанската опозиција од Унијата ЦДУ/ЦСУ побара, покрај зголемените мерки за депортација, да се запре „нерегулираната миграција“ кон Германија на надворешните граници на Европската унија. Опозициската, десничарска популистичка Алтернатива за Германија (AfD), исто така, побара построги мерки за запирање на илегалните имигранти.
 
„Сè додека илегалните имигранти не се запрени на границата, туку се привлечени од социјалните бенефиции кои делуваат како магнет за мигранти, мерките како што се отстранување на пречките за побрзо депортирање се симболични“, рече AfD.
 
Хуманитарните организации, како и делови од владејачката партија Зелени, се спротивставуваат на олеснувањето на депортацијата поради мерките кои го нарушуваат правото на приватност.
 
Оваа година во Германија се регистрирани над 300.000 барања за азил, а се проценува дека бројот на бегалци би можел да го достигне рекордниот број од 2015 година.