Секое трето дете хоспитализирано поради алергија


Дури 80 деца се хоспитализирани на Институтот по белодробни заболувања кај децата-Козле, а секое трето дете е задржано на лекување поради алергија на полен. Директорот на Институтот, д-р Ангелчо Андоновски, вели дека речиси секој ден амбулантски се прегледуваат околу 100 деца, од кои триесетина се со алергии на полен, цвеќиња, трева, прав, а симптоми на ова заболување им се јавуваат на децата и поради аерозагадувањето и климатските промени.
„Секое трето дете што е примено на болничко лекување има алергија бидејќи ова е период на почеток на алергиите. Најчесто децата имаат ларингитис и опструкции, меѓутоа првично алергичните на полен имаат симптоми придружени со кивање и конјунктивит на очите. Кај пациентите се јавуваат и кожни алергиски реакции, како исип или пликови. Ние обезбедуваме дијагностичка метода, како што се кожните тестови за алергии. Точна алергиска проблематика се утврдува над осумгодишна возраст, но границата е спуштена надолу поради самиот факт што ги имаме загадувањето и климатските промени. Алергиски проверки на полен и трева правиме кај деца од тригодишна возраст па нагоре“, посочува Андоновски. Тој очекува до септември постојано да бидат достапни вакцини за деца што се алергични на полен.
„Нема постојана имунотерапија, но се надеваме дека ќе бидат обезбедени вакцини кои ќе бидат за одредени полени и за прав. Со вакцинацијата се создава еден вид имунизација на организмот, го навикнуваме на еден алерген. Кај нас има само две деца кои примаат таква терапија и тие сами ја купуваат. Очекуваме од септември дека ќе има и во продажба, да можеме да ја набавуваме, за тие деца да бидат имунизирани“, додаде Андоновски.
Според педијатрите доколку алергијата од полен биде откриена порано, ефектот од терапијата е поголем, меѓутоа лекувањето може да трае и подолго. За алергиските реакции на кожа се користат антихистаминици или кортикостероиди, додека за инхалаторните алергии се користи заштита и комплексни кортикостероиди. Инаку, во изминативе 20 години тројно е зголемен бројот на деца што имаат алергиски ринитис, а ваквиот тренд освен во земјава актуелен е и во светот. Алергиите предизвикани од убод на инсекти, како и од сончева светлина во моментов не се актуелни.

Вероника Мароска-Леова