Сеизмолог: Во Загреб е можен земјотрес 30 пати посилен од оној во март


Во Загреб ноќеска и утрово се регистрирани послаби земјотреси, а голем број жители на хрватскиот главен град се во постојан страв од нов голем земјотрес, пишува порталот Индекс.

Разорниот земјотрес кој во март предизвика голема материјална штета го смени животот на жителите на Загреб, а Томислав Фикет од хрватската сеизмолошка служба за РТЛ изјави дека релаксацијата на почвата и помалите земјотреси можат да продолжат.

Фикет предупреди и дека постои можност Загреб да биде погоден од посилен земјотрес отколку во март, затоа што, како што објасни, колку и да се драстични последиците, за жал, тоа не е максималната енергија што може да се очекува да се ослободи во областа на Загреб“.

– За областа на Загреб, тоа е од 6,3 до 6,5 степени според Рихтеровата скала. Тоа е околу триесет пати посилно од земјотресот на 22 март. За областа на Дубровник, тоа е околу седум степени, рече Фикет.

Хрватската сеизмолошка мрежа се состои од само 17 постојани станици, додека, на пример, Италија има илјада, а Словенија 50 такви станици.

– Едноставно сме земја која има неблагодарна форма и за да можеме подобро да ја покриеме територијата, потребна ни е густа мрежа на станици, за што немаме средства, нагласи Фикет, додавајќи дека ваквата густа мрежа ќе реши два проблеми.

– Автоматската локација, која тогаш е многу поквалитетна, и дежурните служби за цивилна заштита би добивале точни информации за времето и местото на земјотресот. Вториот е да собереме значително поголем број податоци за слабите потреси, што ќе ни помогне да научиме повеќе за сеизмичноста на Хрватска и да донесеме некои подобри заклучоци, рече Фикет.