Сега секој ќе полага испит на политичка зрелост, вели Грковска

Евроамбасадорот Дејвид Гир на регионалната конференција порача дека убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата


Регионалната конференција за борба против корупцијата се одржува во Скопје

 

Транспарентноста на институциите мора да биде приоритет за сите нас. Само преку унапредување на транспарентноста, ќе ја зајакнеме отчетноста и контролата. Јас немам илузии дека корупцијата целосно ќе ја победиме, но мора да покажеме видливи и конкретни резултати, да создадеме услови за владеење на правото и еднаквост на институциите, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Таа на денешната регионална конференција за борба против корупцијата во Скопје, рече дека корупцијата не познава граници, ниту пак може или смее да се третира изолирано.

„Нема општество, нема институција, потполно имуна на корупција. Случајот со потпретседателката на Европскиот парламент покажува дека тоа не е предизвик со кој се соочува една институција од една земја, не е предизвик само на еден регион, туку интернационален проблем кој никогаш нема да биде сосема искоренет. Факт е дека има многу примери за корупција насекаде, но исто така е факт дека секоја држава е различно подготвена и различно реагира на ваквите појави“, рече Грковска во своето обраќање.

„Мислам дека сега секој ќе полага испит за политичка зрелост. Оние кои ќе го положат ќе опстојат, останатите кои ќе се борат да остане статус-кво состојба, ќе бидат избришани од граѓаните. Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како до сега, едноставно веќе нема да може“, додаде Грковска.

Таа додаде дека изминатиот период, од крајот на јуни минатата година кога владини претставници од земјите од Западен Балкан во Охрид го усвоија регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансиски текови за брзо следење на спроведувањето на Конвенцијата на ОН за борба против корупцијата, нивната меѓусебна соработка е интензивирана и значајно попродуктивна.

„Особено сум задоволна што во целиот овој процес имаме тесна соработка со граѓанскиот сектор. Од една страна е коректив на власта, но од друга страна со својата експертиза и значење може да даде значаен придонес во оваа наша заедничка битка. Пред нас има уште многу работа“, додаде Грковска.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата, додека граѓаните очекуваат резултати, нагласувајќи дека денешната конференција ја става корупцијата во поширок регионален контекст и кажува дека е заеднички предизвик што најдобро може да се решава преку соработка и размена на добри практики.

Државните институции мора заеднички да работат да го намалат обемот на корупција, да воведат закони и правила на однесување и санкции за коруптивно однесување, но и треба да ги спроведуваат и извршуваат овие мерки. Борбата против корупцијата подразбира и градење негативна средина за сите коруптивни навики преку засилување на клучните системи за интегритет, јавните набавки и управување со јавни финансии, како и градење државни ревизорски институции и антикорупциски тела и партнерства со граѓанското општество, компаниите и слободните и независни медиуми, рече тој.

Според ЕК трошокот од корупцијата врз европската економија е 20 милијарди евра годишно и борбата против корупцијата, заедно со владеењето на правото се клучните принципи на Унијата.

„Скорешните настани во срцето на ЕУ, во  Европскиот парламент покажаа многу сликовито со какви проблеми се соочуваме и ние во ЕУ. Одговорот на таквите ситуации се базира на ефикасноста и брзината на правосудниот систем да се справи со тие наводи и институциите да одговорат и ги решат сите слабости кои што овозможиле да се случи тоа“, изјави Гир.

Целта на денешната конференцијата е да се унапреди регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансии во регионот, во контекст на Берлинскиот процес.

На конференцијата, покрај високи претставници од земјите од Западен Балкан, присуствуваат и претставници од клучните институции надлежни за борба против корупцијата во регионот.