Сега повеќе од било кога потребна е солидарност-интервју со Коста Петров, писател и пи-ар експерт


 

Лејла Сабит

Насловот на неговата најпродава книга сега „Никој не рече дека ќе биде лесно“, вели, ни се случува сега, во екот на коронавирусот. Но Коста Петров , кој во изминативе 10 години како основач на компанија што работи во над 40 земји во светот, бил на врвот, го преживеал стравот и пиел кафе со најубави погледи во светот, се адаптира  на новата ситуација и на новите времиња. Сите ние во нас имаме многу повеќе сила отколку што мислиме, сподели Петров во разговорот за nezavisen.mk.

Во претходно интервју ми изјавивте дека сте човек што цел цел живот се бори и секогаш се труди да ја согледа светлината и во моменти кога е најтемно. Како е да се живее и работи во услови на коронавирус кој сее жртви насекаде, сиромашни или богати, и кој не стави во светски карантин?

-Како основач на компанија што работи во над 40 земји во светот, до пред некоја недела мислев дека во овие последни 10 години имам преживеано апсолутно се. Лично на своја кожа ги осетив негативните последици од финансиската криза во 2008 година. Гледав како светот околу мене се распаѓа. Со Пи Ворлд, сме морале да откажуваме настани поради терористички напади и девалвации во земјите во кои што сме работеле, сме губеле клиенти поради енормниот пад на цената на нафтатата во земјите производители на нафта. Навистина мислев дека сме преживеале апсолутно се и дека сега, после 10 години, конечно дојде времето да уживаме во нашите успеси. Но, животот секогаш има друг план за нас. Како сите други и ние се адаптираме на новата ситуација и на новите времиња. Веќе три недели сите работиме од дома, секојдневно одржуваме онлјан состаноци, се мотивираме едни со други но и пронаоѓаме  иновативни решенија за нашиот бизнис. Имавме многу планови за оваа година и откажавме над 30 настани низ светот но нема откажување. Заедно сме ги славеле големите успеси на компанијата, заедно ќе ги надминеме и овие тешки времиња за сите нас.

Овој вирус ни понуди многу лекции, додуша сосила, ама, сепак не подразбуди. Која е најважната според вас?

-Една од лекциите е дека ние сме многу повеќе од нашите компании и нашите бизниси. Јас долго време бев емотивно врзан за мојот бизнис и верував дека секој неуспех на бизнисот е и мој неуспех. Оваа криза ми потврди уште еднаш дека работите што ние мислиме дека се важни всушност и не се толку важни. Јас не сум мојот бизнис и јас сум многу повеќе од успесите или неуспесите на мојата компанија. Овој вирус, без разлика на негативниот аспект, ми овозможи и да бидам повеќе дома, да поминам повеќе време со моето семејство и мојата ќерка. Мене лично ми помогна и да сфатам дека во оваа битка не сум сам. Дека имам супер тим и заедно ќе ги победиме и најголемите предизвици. Можеби тоа е и најголемата лекција во овие времиња, без разлика на тоа што сме во самоизолација сепак сите сме едно и само преку тимска работа ќе можеме да го победиме вирусот. Можеби на светот му требаше промена. Можеби од ова ќе произлезат некои убави работи што во моментов поради стравот и паниката не можеме да ги видиме. Времето ќе покаже. Јас знам дека секој хаос има рок на траење. Ни треба само малку трпеливост.

Вашите најпродавани книги носат симптоматични наслови: „Се гледаме на врвот“, „Стравот“, „Никој не рече дека ќе биде лесно“, „Нашето последно кафе“. Кој наслов сега ни се случува и го живееме?

-Хм. Најверојатно „Никој не рече дека ќе биде лесно“. Интересно е тоа што оваа книга во моментов е и мојата најпродавана книга. Јас само ќе додадам, можеби нема да биде лесно, но не значи дека ќе биде и невозможно. Сите ние во нас имаме многу повеќе сила отколку што мислиме.

Книгата е огледало на нас самите. Себеси се бараме во туѓите зборови. Патуваме, спознаваме, откриваме светови без да се поместиме. Дали карантинот и животот меѓу четири ѕида ќе не натераат да почнеме или да продолжиме да читаме, и да ги откриваме и посетуваме бескрајните галерии и музеи во себе, да ја цитирам нашата позната авторка Винка Саздова?

-Јас секогаш сум уживал во читањето и за мене читањето е најубавата терапија. Обожавам да читам историски книги и мемоари и овие денови во самоизолација ги користам да ги прочитам сите книги што со месеци сум немал време да ги прочитам. Читањето е магија. Тоа не носи во еден друг, поинаков свет, во една друга реалност во која за момент, додека читате низ страниците, се е апсолутно возможно. Исто како и во животот.

Пишувате ли сега нов карантински роман или како автор имате други планови?

-Мојата петта книга ја пишувам веќе година и пол и искрено се надевам дека сега ќе имам повеќе време да ја завршам. Дефинитивно ќе има нова книга во јуни, во тоа сум сигурен. Ми се случија премногу убави работи но и лекции овие три години и сакам да ги споделам со сите мои читатели. Мојата нова книга всушност е на еден начин анекс на мојата прва книга, „Се гледаме на врвот“. Има многу интересни работи во неа. Многу приказни. Едвај чекам да ја довршам.

Како основач е на P World, светска водечка агенција за настани, која работи во Европа, Блискиот Исток, Централна Азија, Африка и Северна Америка и пи-ар експерт кој повеќе беше во странство, отколку во Македонија, навикнат сте на онлајн комуникација. Се слушате ли со вашите колеги и пријатели во светот и какви се нивните искуства?

-Секојдневно сум во контакт со сите наши клиенти и пријатели низ светот. Сите поминуваме низ исто но и се бодриме еден со друг. Баш пред некој ден се смеев со еден мој близок пријател, кој воедно е и еден од нашите ПР консултанти. Се договоривме да не бидеме во депресија во исто време за да можеме да се бодриме еден со друг. Има денови кога јас му се јавувам и му се жалам а тој ме мотовира но има и денови кога и јас сум мотиваторот. Не знам, цела оваа ситуација во себе носи и многу позитивни работи – не сме сами во оваа битка и не треба да бидеме сами. Во овие три недели сфатив колку е важно да ги имаш вистинските луѓе околу себе бидејќи само со вистински луѓе и со вистинска енергија може да ги надминеш сите пречки во животот.

Кои ангажмани моравте да ги откажете или одложите?

-Ние од февруари до јуни имавме закажано и планирано 30 настани во 18 земји. Единствениот настан што го реализиравме беше во Малта на 1 март. Уште тогаш приметивме дека следи тежок период бидејќи веќе тогаш многу предавачи ни откажаа бидејќи компаниите им забранија да патуваат. Како резултат на кризата откажавме настани во Лос Анџелес, Њујорк, Винипег, Торонто, Женева, Лисабон, Загреб, Белград, Истанбул, Хелсинки. Целиот начин на кој функционира нашиот бизнис се промени. Но, нема откажување. Веќе многу од настаните ги префрливме онлјан, започнавме и со вебинари така да ќе биде се во ред. Ќе го преживееме и ова.

Како ви поминуваат деновите во изолација?

-Секој ден си носи со себе убави работи. Секое утро ни започнува со утринска прошетка на нашиот француски булдог Кире. Ќерка ми има онлајн часови секој ден од 9 до 15 часот а ние со сопругата работиме на тековни проекти во нашата фирма. Тука се и секојдневните партиски обврски. Се на се, убаво ми е, различно но убаво. Вечерите се резервирани за некој добар филм или серија.

Што најмногу ви недостасува сега?

-Не сум човек што мечтае за работи што ги нема. Уживам во се што ми пружа животот. Имам супер семејство, ќерка што најмногу на свет ја сакам, сопруга која ме подржува во се, мајка и татко кои се здрави и живи и кои ме направиле тоа што сум. Сестра ми живее во Холандија но се слушаме секој ден. Имам неверојатни пријатели со кои секојдневно се слушам. Тука се и моите прекрасни колеги. Се си е како што треба да биде. Ова е нова реалност и уживам во неа.

Како граѓанин и еден од потпретседателите на СДСМ, колку сте задоволен од тоа како Македонија се справува со коронавирусот и колку ние како народ имаме висока свест во спречување на ширење на заразата?

-Како граѓанин сметам дека досега одлично се справуваме со оваа глобална криза. Важно е што имавме добри мерки уште од самиот почеток. Министерот за здравство Венко Филипче одлично си ја работи својата работа, Владата е на висина на задачата и сметам дека сега за сега работите се во контрола. Да не заборавиме, од сите нас зависи кога ќе заврши кризата и затоа многу е важно сите да ги почитуваме препораките и да седиме дома. Од нас само тоа се бара. Системот можеби не е идеален но успешно се бори со вирусот а наскоро доаѓа и пакет на економски мерки со кои ќе се помогне на граѓаните да ги пребродат и економските аспекти на кризата. Сега повеќе од било кога потребна е солидарност. Да си помагаме едни со други. Само така успешно ќе ја пребродиме оваа криза.