Сега Кина ѝ понуди помош на Америка за корона вирусот

Лекарите во болниците во Њујорк се во очај поради немањето капацитети за сите болни

САД станаа земјата каде има најмногу случаи на корона вирусот – 84.946 и 1.259 починати

 

Кинескиот претседател Ши Џинпинг му рече на американскиот претседател Доналд Трамп за време на телефонскиот повик во петокот дека ќе има поддршка од Кина во борбата против корона вирусот, бидејќи Соединетите Држави се соочуваат со изгледите да станат глобален епицентар на пандемијата.

САД сега имаат најмногу случаи на корона вирус во која било земја, со 84.946 инфекции и 1.259 смртни случаи. Болниците во градовите како Њујорк и Њу Орлеанс се борат да се справат со бранот пациенти.

Понудата за помош на Ши дојде во време на долготрајна војна на зборови помеѓу Пекинг и Вашингтон за разни теми, вклучувајќи ја и епидемијата на корона вирус.

Трамп и некои официјални претставници на САД ја обвинија Кина за недостаток на транспарентност на вирусот, а Трамп на моменти го нарекуваше Ковид-19 „кинески вирус“, бидејќи потекнува од таму и го налути Пекинг.

Во повикот, Ши му возврати на Трамп дека Кина била отворена и транспарентна во врска со епидемијата, според извештајот на разговорот објавен од кинеското министерство за надворешни работи.

Трамп на Твитер рече дека разговарал за корона вирусот „детално“ со Ши.

„Кина помина многу и разви силно разбирање на вирусот“, рече Трамп. „Тесно соработуваме. Голем респект“.

„Секое сценарио што е реално, ќе го надмине капацитетот на здравствениот систем“, рече гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, на прес-конференција. Тој го опиша предвидениот недостаток на државата во респиратори како „астрономски“.

Најмалку една болница во Њујорк започна употреба на еден респиратор помеѓу двајца пациенти.

Голем бран на инфекции се појавува во Луизијана, каде побарувачката за респиратори веќе е двојно зголемена. Во Њу Орлеанс, најголемиот град во државата, се верува дека прославата на фестивалот Марди грас кон крајот на минатиот месец го поттикнала избувнувањето.

Околу 80 отсто од пациентите на интензивна нега во Луизијана сега се на машини за дишење, што е многу повеќе од нормалната стапка од 30-40 отсто.

Надвор од Њујорк и Њу Орлеанс, се појавија други жаришта во земјата, вклучувајќи го и Детроит.

Брендон Ален (48) кој купуваше намирници во Детроит за неговата 72-годишна мајка, која е тестирана позитивно и е во самоизолација дома.

„Ова е надреално“, рече Ален. „Луѓето околу мене што ги познавам умираат. Знам за неколку луѓе кои починале. Познавам неколку луѓе кои се борат за своите животи. Секојдневно слушате за друга личност што го има вирусот“. (Ројтерс)