Сега Каракачанов го нападна Борисов околу Македонија


Поранешниот премиер и вицепремиер: Бојко Борисов и Красимир Каракачанов

Посетата на Зоран Заев на Софија во четвртокот ги растресе политичките партнерства во Бугарија и предизвика меѓусебни напади на партиите. Красимир Каракачанов, поранешен вицепремиер, утринава во разговор за телевизијата бТВ, го нападна неговиот премиер Бојко Борисов што се обидел проблемот со блокадата на Македонија да го префрли врз службената влада. Каракачанов беше моторот во владата на Борисов кој го наметна цврстиот став спрема Македонија и сега се чувствува на некој начин изигран од лидерот на ГЕРБ.

„Не ми се допаѓа што Борисов се обидува да го пренесе проблемот со политиката кон Северна Македонија на привремената влада – вчера бевме заедно во владата и имавме цврст став, а сега тој се обидува да ја префрли топката со зборовите: владата може, но не сака. Не треба така“, изјави лидерот на бугарското ВМРО.

Тој му префрла на Борисов и што зборувал за „два народа“ и „две нации“ – иако самиот Заев наводно зборувал за еден народ.

По американските санкции за шестмина бугарски функционери и бизнисмени (од кои тројца многу блиски до Борисов), лидерот на ГЕРБ, кој изгледа сфати од каде дува ветерот, направи остар пресврт во позицијата околу блокадата на Македонија и сега пред изборите се нуди како единствен политичар којшто може да го крене ветото што самиот го стави и не се дистанцираше зад запаливите изјави на Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. Заев во Софија рано утрината прво се сретна со Борисов кој му кажа македонскиот премиер дека неговата посета и разговорите со претседателот Румен Радев и премиерот Стефан Јанев ќе биле бескосрисни.