Сега и изборите стануваат пречка за избор на ректор


Независниот академски синдикат (НАкС) денеска поднесе нова претставка до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) од кој бара заштита на законитоста на постапката за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ односно нејзино прекинување.

Синдикатот реагира што Универзитетската изборна комисија на УКИМ ја продолжила постапката за избор на ректор и покрај прогласената вонредна состојба на 15 јуни, сметајќи дека е спротивно на Уредбата на Владата од 5 јуни за мирување на сите активности за избори на тела и продолжување мандати. Смета дека постапката е незаконска и откако се распишани парламентарните избори.

– И покрај тоа што во Законот за високо образование е предвидено новиот ректор да се избере најдоцна до 15 септември, Универзитетската изборна комисија не само што ја спроведува постапката за избор во време на вонредна состојба, туку противзаконски форсира избори за ректор на УКИМ во време на парламентарни избори, изјави Елена Џукеска, в.д. претседател на НАкС.

Во однос на вонредната состојба, НАкС пратил и известување до Владата, како доносител на Уредбата со законска сила, за да обезбеди таа да биде почитувана. Според Синдикатот, Уредбата се прекршува зашто се брза изборите за ректор на УКИМ да се одржат на 26 јуни кога завршува мандатот на Универзитетската изборна комисија и на актуелниот состав на Сенатот на УКИМ.

За неприфатената кандидатура на проф. д-р Петар Атанасов, Синдикатот смета дека Комисијата вчера ја отфрлила „со чудно образложение“ и дека е тоа можеби тенденциозно зашто „некој се плаши од конкуренцијата“ на овој кандидат во трката за ректор. Атанасов е дисквалификуван зашто за разлика од другите шест кандидати, чии пријави се прифатени, документацијата што ја пратил електронски ја заштитил со лозинка.

Според НАкС, програмите на кандидатите за ректор се авторски трудови и треба да бидат заштитени сè до отворање на ковертите и никој не смее да има пристап до интелектуалниот труд, затоа што со достапноста не постои безбедност и може да се злоупотреби. Тие треба со пасворд да се отворат истиот момент кога ќе се отворат и ковертите, наведоа од НАкС.

Претставниците на Синдикатот го повикаа Државниот просветен инспекторат да постапи и по претставките кои претходно беа поднесени од НАкС и Антикорупциската комисија во врска со постапките избор на ректор и Сенат на УКИМ и да спроведе вонреден инспекциски надзор на Универзитетот.