Сега е време на храбри одлуки и паметни чекори, вели претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски  


Не очекувајте новогодишна забава, забава нема да има, ќе има проценка на штети. Мора внимателно да се разгледаат сметките. Државните економски антикризни пакети се задоволителни, но за да имаат ефект и значење, паралелно треба да се забрза растот преку зголемување на извозот, забрзување на инвестициите и почнување производство со додадена вредност. Не е доволно да се затвори 2020 година, неопходно е да се планира 2021-ва. Дури и ако пристигне вакцината, товарот од пандемијата ќе продолжи и во наредните години, вели претседателот на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО), Ајдован Адемоски.

Во разговор за МИА, Адемоски истакнува дека сега е време на храбри одлуки и паметни чекори. Домашните и странските инвеститори се во исчекување на законските реформи, а на странските вложувачи им влева доверба и членството на земјава во НАТО и ЕУ.

Рецесијата, додава, во која и официјално влеговме, ќе потрае. Постои целосна исцрпеност на трошоците на домаќинствата и колапс на домашната побарувачка, а за повторно да влеземе во период на брз и стабилен раст, императив е да ги решиме проблемите што се јавуваат и да спроведеме модел на раст заснован на продуктивни инвестиции.

После една година, оценува Адемоски, ќе ги видиме областите со нови можности создадени од кризата.

– Рецесијата е период низ кој поминуваме. Но, ова веројатно ќе биде најдолгата рецесија во нашата историја. Ако во одреден момент почне домашното трошење, ќе биде поинаку, но не може да се поправи состојбата лесно, бидејќи институциите и приватниот сектор влегоа во најголеми долгови во нивната историја. Сега тие долгови се рефлектираат во билансите на банките. Затоа, оваа рецесија нема да заврши сè додека бидеме во оваа ситуација. Постојат знаци дека рецесијата може да трае подолго време. Во моментов, блокиран е моделот на раст врз основа на градежни инвестиции направени со странско задолжување. Но, тој не се менува така лесно, не можеме да го замениме со нов модел и поради проблемите што се појавија за да почнеме преговори за членство во ЕУ, истакнува Адемоски.

Според него, корона пандемијата им зададе најголем удар на туризмот, рестораните и хотелите, забавната дејност и културата, како и на секторите за образование.

– Приходите од овие сектори се сведоа на нула, приходите на рестораните и хотелите и секторот за забава и култура се намалија за 90 проценти. Исто така, сите инвестициски трошоци, вклучително и јавниот и приватниот сектор, се намалија за 70 проценти, додека превозот се намали за 65 проценти, мебелот, опремата за домаќинства и одржувањето и поправката на домот за 50 проценти, нагласува претседателот на МАТТО.

На прашањето колку актулените политички случувања се одразуваат врз бизнисот, посебно  бугарското вето и пролонгирањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, тој одговара дека реформите дома се клучни, посебно владеењето на правото.

– Домашните и странските инвеститори се во исчекување на законските реформи, а на странските инвеститори им влева доверба и членството на земјата во НАТО и ЕУ. Во овој контекст да се случи ветото од Бугарија за пристапување во ЕУ, но ако има владеење на правото можно е се. Правото е глава на сè, неопходност во секоја област, од организирање живот до правење на економијата одржлива. Ако некоја земја има закон, довербата ќе биде на високо ниво. Се додека има закон во една земја и тој се спроведува, инвеститорите можат да бидат сигурни, напоменува Адемоски.

Во однос на владините антикризни мерки, објаснува дека високиот раст е многу важен и мора да го постигнеме. Економијата мора да го задржи своето темпо за да се спротивстави на зголемените геополитички ризици и ескалирачкото ширење на КОВИД пандемијата, а тоа е возможно само со економија со висока способност за раст. За да се минимизираат штетите, пак, предизвикани од коронавирусот врз економијата, на сите погодени компании треба да им се овозможи да аплицираат за поддршка од финансискиот сектор. Не смее да има секторска дискриминација.

– На пазарите им треба спас за да одржат висок раст. Затоа мислам дека најновиот сеопфатен пакет објавен од Владата ќе обезбеди динамика на економијата и благосостојба на граѓаните, истовремено создавајќи ресурси за државата. Она што е клучно тука, со помош од државата, е да се покријат социјално загрозените делови од општеството, средствата за пензионери, студенти… Сепак, она на што сакам да се фокусирам е придонесот на овој пакет за одржливоста на високиот раст. Високиот раст е многу важен и мора да го постигнеме. Финансиската поддршка за исплата на плати за деловните субјекти од пакетот Финансиска поддршка за исплата на плата од 14.500 денари до 21.776 денари за месеците 10,11 и 12/2020 година, ослободувањето од ДДВ за јавни донации, побарувањето за враќање на ДДВ, земајќи ги предвид бескаматните заеми, даде малку надеж на животните активности. Овие пакети за поддршка можеби не се според очекувањата на претпријатијата, но ако ја земеме како основа економската моќ на нашите членови, добиените пакети за поддршка се задоволителни, подвлекува Адемоски.

Но, и бизнисите, порачува, треба да направат реформски чекори во сопствените редови.

-Само на овој начин можеме да растеме, да ја намалиме невработеноста и да го оставиме зад себе економското зло предизвикано од пандемијата. Во овој процес, постојат некои вообичаени мерки што треба да ги преземат сите компании. Организациите, прво, мора да преземат активности за да се обезбеди здравјето на вработените. Второ, треба да се прегледа финансиското планирање и активностите што треба да се спроведат со деловните партнери. Една од најважните теми за сите компании во овој процес е правилно управување со готовинскиот тек. За ова, мора да се направат сите подготовки, од технолошка инфраструктура до продажба. Компаниите, пак, што ќе користат кредитна поддршка не треба да го намалуваат бројот на пријавени вработени, напоменува претседателот на МАТТО.

Бизнис светот се фокусира на излезни решенија, заклучува Адемоски. Актерите во економијата кои бараат начини да ја намалат штетата од корона вирусот најверојатно ќе се свртат кон нови области каде што има можност добро да управуваат со својот готовински тек. Земјите ќе ги насочат инвестициите кон производството во стратешки области како што се здравството, технологијата, образованието и земјоделството.

-Парите бараат паметни претприемачи, засегнати страни и партнери. Прашањето е дали и вие ќе бидете меѓу бараните. И од тоја аспект 2021-ва ќе биде година кога ќе се преземат клучни чекори. Од светските 600 трилиони долари, 360 трилиони се во рацете на десет земји, 17 трилиони долари се вртат „во орбитата“ и бараат место за пласман. Треба знаење за управување со технолошки напредните, предвидливи, зелени и паметни бизниси. Дали вие сте еден од нив или зошто да не бидете? Затоа, сега е време на храбри одлуки и паметни чекори, вели Адемоски.

На прашањето за барањето недела да биде неработен ден, ставот на Адемоски е дека тоа е невозможно за сите.

– Не е возможно недела да биде нeработен ден за сите. Пред се, говорам за здравство, угостителство, трговија, малопродажба, туризам… Тоа се области кои се дел од нашето секојдневие. Но, секако, како партнери во креирањето на јавните политики, подготвени сме да ги слушнеме аргументите за оваа идеја, но и ние да дадеме наши видувања и идеи кои би придонеле за едно подобро решение за сите засегнати страни, истакнува претседателот на МАТТО.

Адемоски апелира празниците да се прославуваат со максимално очитување на мерките.

– Во овој период, ние се придржуваме до сите протоколи преземени од надлежните домашни и меѓународни институции. Како прво, јас и моите се грижиме за нашето сопствено здравје, нашите роднини, пријатели, а од ова зависи и здравјето на сите во општеството, генерално гледано. Затоа и правиме сè во рамки на препораките од Владата, тука се и различните разговори на кафе на кои сме навикнати во семејното и деловното опкружување. Коронавирусот ја смени нашата перцепција за времето. Полицискиот час ме натера да се запрашам што да правам со преостанатото време. Од друга страна, уверен сум дека и јас, и моето семејество, соработниците, но и сите ние како општество во еден глобален свет извлекуваме добри лекции од ваквото затворање што ни се случи во 2020-та, кои ќе ни помогнат во иднина да бидеме поподготвени, поагилни и поадаптибилни во соочувањето со предизвиците кои доаѓаат од непредвидливи ситуации како што е пандемијата. На крај, сакам да ја искористам оваа прилика на сите граѓани на нашата држава да им посакам повеќе здравје, среќа и успех во новата 2021 година.