Сега банките се на потег – како да се одложат кредитите и ратите


Ако физичкото лице во рок од десет дена писмено или електронски не ја извести банката/штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена

 

Создадени се неопходните услови банките да почнат да ги одложуваат обврските на граѓаните и на фирмите, кои трпат последици поради корона вирусот. Банкарите ја чекаа Уредбата со која ќе можат да почнат да ја применуваат методологијата која претходно Советот на Народната банка на Македонија ги донесе потребните регулаторни измени. Уредбата сои законска сила беше донесена на вчерашнаата владина седница.

Она што е посебно важно, со оглед на состојбата со корона вирусот и со цел да не се загрози јавното здравје – постапката ќе се спроведува без да се посетуваат експозитурите и филијалите и без да се чека во ред на шалтерите заради потпишување на анексите на договорите.

Како ќе се одвива постапката? Еве што се вели во заедничкото соопштение на НБМ и на Министерството за финансии:

Банките и штедилниците можат да понудат поповолни договорни услови и без претходно да имаат добиено барање од засегнатите клиенти, и тоа преку:

– објава на своите веб-страници со понуда за промена на условите за плаќање на кредитите и/или

– одделно известување на клиентите, преку електронска и/или писмена комуникација.

Со Уредбата е утврдено дека ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката/штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена.

Фото: Б. Грданоски

За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со Уредбата ќе се смета дека понудата не е прифатена.

Секако останува и правото на кредитокорисниците да се обратат до банките и штедилниците, доколку оценат дека има потреба од тоа. Притоа, предвидено е тие да можат се обратат електронски или писмено, а одговорот ќе го добиваат преку електронска комуникација.

Како што веќе беше соопштено, во согласност со донесените регулаторни измени, банките и штедилниците, на засегнатите граѓани и фирми ќе можат да им понудат повеќе поволности:

– одложување односно грејс-период за отплата на кредитите;

– пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период;

– пониска каматна стапка и сл.

Ова важи за сите кредитни производи:

– потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити итн.;

– кредитни картички;

– дозволено пречекорување (одобрен минус);

– кредити на фирмите.

И во текот на изготвувањето на Уредбата, банките и штедилниците истакнаа дека се подготвени да одговорат на потребите и барањата на кредитокорисниците погодени од корона-кризата. Впрочем, како што и претходно е посочено, тие се мотивирани на засегнатите граѓани и фирми да им понудат поволни можности за промена на постојните договорни услови. И во нивен интерес е да помогнат граѓаните и фирмите да го пребродат актуелниот шок и да имаат капацитет за и понатаму да ги плаќаат обврските.

Во олеснувањето на финансискиот товар на граѓаните и фирмите кои користат кредити, а се погодени од корона-кризата, банките и штедилниците ќе се придржуваат до јасно утврдените критериуми во Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик донесена од Советот на Народната банка, се вели во соопштението.

Уредбата беше подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација, со цел во текот на вонредната состојба, поедноставно и побрзо да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите коишто заради корона-кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците.