Седумнаесет кандидати за претседател на Регулаторната комисија за енергетика


До Владата стагнале 17 апликации за огласот за избор на претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, потврдија за Независен од Канцеларијата на портпаролот на Владата.

Од таму велат дека огласот е завршен.

„Примени се 17 успешни апликации на кандидати. Владата на Република Северна Македонија сѐ уште нема расправано по прашањето и нема донесено одлука“, се вели во одговор на прашањето на Независен.

Од Владата посочуваат дека со цел да не се влијае на текот на постапката и да не се влијае на изборот со што некој од кандидатите би се довел во поповолна или во понеповолна положба, во овој момент не може да се објават имињата на кандидатите кои аплицирале на огласот.

Неофицијално, постојниот претседател на РКЕ, Марко Бислимоски, се пријавил на владиниот оглас. 

Како што е познато, кон крајот на март Владата објави оглас со кој бара претседател и три члена на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад на Македонија.

Претседателот на РКЕ го  бира Собранието на предлог на Владата, исто така и три члена на регулатоното тело имајќи ја предвид правичната застапеност.

Мандатот на секој член и на претседателот на РКЕ изнесува пет години и ниту еден член не може да биде на таа функција повеќе од два последователни мандати.