Седуммина уапсени за нападите во Шри Ланка


Седум лица се уапсени под сомнеж дека се одговорни за бомбашките напади на неколку локации во Шри Ланка, соопшти полицијата.

Се претпоставува дека зад нападите би можеле да стојат припадници на локалната радикална муслиманска организација НТЈ (National Thowheeth Jama’ath).

Западни медиуми пренесуваат дека властите на Шри Ланка пред десет дена добиле информација за евентуален напад. Странска разузнавачка агенција извести дека НТЈ подготвува самоубиствени бомбашки напади врз цркви и дипломатско претставништво на Индија во Коломбо. НТЈ привлече внимание минатата година кога уништи будистички скулптури.

Министерот за одбрана на Шри Ланка, Руван Виџевардене изјави дека денешната серија експлозии врз хотели и цркви се терористички напад, додавајќи дека без разлика кој ги извршил нападите, властите нема да дозволат ниту една екстремистичка група да дејствува во земјата.

Министерството за надворешни работи на Шри Ланка соопшти дека меѓу загинатите има најмалку 35 странски државјани, меѓу кои од САД, Велика Британија, Холандија и Турција. Кинеските медиуми пренесуваат и дека меѓу жртвите има и еден Кинез.

Според последните податоците, во денешните напади на Шри Ланка загинаа најмалку 207 лица, а над 400 се повредени.